Муниција произведена во одбранбените претпријатија во Србија, се праќа кон земјите на НАТО во интерес на Украина за обликување комплетни сетови на делови за монтажа – соопшти прес службата на руската Служба за надворешно разузнавање.
„Ова му овозможува на Киев формално да прими производи на воената индустрија кои веќе не се српски, туку се монтираат во фабриките за оружје во западните земји. Монтажата и полнењето на муницијата пред сѐ, се врши во Чешка и Бугарија“, се наведува во соопштението кое денеска (23 јуни) беше објавено на веб страницата на Службата.
Во соопштението се додава дека според информациите кои ги добила Надворешната разузнавачка служба на Русија (СВР), „украинската војска е благодарна на српските производители на оружје и муниција за нивниот придонес во одржувањето на борбената готовност на вооружените сили на Украина“.
Се наведува и дека според податоците на СВР, фабриката „Крушик“ од Ваљево на западот на Србија, „продала неколку големи серии комплети за склопување на ракети на чешката компанија „Poličske strojerni”, а компанијата „Елинг“ како што се додава, пратила комплети за производство на истите ракети како и на мини, на бугарската компанија „ЕМКО“.
Во соопштението се наведува дека производителите на оружје и воена опрема во Србија „добро се свесни за вистинските потрошувачи на нивните производи“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија го прекинала извозот на муниција. Неговата изјава доаѓа во екот на судирот меѓу Израел и Иран.
slobodnaevropa.mk




