Градоначалникот на Штип: Пет загинати, а четворица штипјани се борат за живот во земјава и странство

Петмина штипјани се загинати, а четворица се борат за живот во болниците во земјава и странство по несреќата во дискотеката во Кочани, информираше на прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тој ја напиша и својата порака во Книгата на жалоста, која е поставена во холот на зградата на Општина Штип.

Голема е тагата, болката и жалоста после трагичната несреќа, којашто се случи во Кочани изразувам длабоко жалење и сочувство до семејствата на сите загинати. Се слушнав со семејствата на загинатите наши сограѓани, го изразив моето жалење и сочувство, се слушнав исто така и со дел на семејствата на повредените, коишто се хоспитализирани на лекување, рече Јорданов.

Тој истакна дека молитвите се упатени кон повредените млади луѓе за нив брзо закрепнување, како и да ни се вратат живи и здрави.

Голема е загубата за нас како држава и како општина. Она коешто мораме да си го ветиме пред нас е да се бориме и создадеме еден нов систем поинаков од овој, којшто ги зема овие жртви. Преголема е цената, којашто ја плативме. Уште еднаш изразувам сочувство од име на граѓаните на Општина Штип, она коешто денес се случува отворивме една книга на жалост во административната зграда да Општина Штип, вели Јорданов.

Прашан за четвторицата повредени, Јорданов одговори дека утрото разговарал со семејствата на дел од повредените, на кои блиските им се хоспитализирани надвор од државата, како и на Клиниките во Скопје.

Од информациите коишто јас ги имам до овој момент, а и од она што успеав да искомуницирам, имаме наши четворица сограѓани, дел од нив се згрижени во болниците надвор од државата, а дел во болниците во државата, во зависност од степенот на повредите и изгореници и на здравствената состојба, какошто напоменав нашите молитви се со нив. Господ да ги благословили, побрзо да закрепнат и да ни се вратат, изјави Јорданов.

Тој посочи дека без резервна помош им е понуда на семејствата не само од општината, туку и од општествено-одговорни компании, со отворена поддршка и помош на семејствата на настраданите и на семејствата кои имаат свои блиски низ болниците.

Прашан за коментар за оставката на кочанскиот градоначалник, Љупчо Папазов, Јорданов одговори дека не би сакал да коментира коешто се случува и ќе се случува. Во едни вакви тешки моменти мораме да бидеме сплотени, да си подадеме рака, но во исто време да се бориме против овој систем, ова зло, коешто одзема животи. Сите ние сме дел од тој систем, којшто мора заеднички да го промениме. Но, за да го промениме мораме да работиме. Во таа насока е мојот коментар, изјави Јорданов.

Прашан за протестите и маршот низ штипските улици од страна на средношколците, кои загубија свои другарки и другарчиња во пожарот во дискотеката во Кочани, Јорданов вели дека со право се испраќаат овие пораки.

Затоа што сите ние сме загрижени, за сето она коешто се случува, за сето она коешто како предизвик стои пред нас да се исправиме, да се охрабриме и да го промениме. Младите се двигатели на промените, а тој систем којшто убивал мора заедно да го промениме, рече Јорданов.

Книгата на жалост ќе биде поставена во холот на зградата на Општина Штип, како и на градскиот плоштад „Слобода“, каде што од синоќа се палат свеќи пред сликите на петминати починати од Штип.

извор: РЕПУБЛИКА