Двајца загинати и неколку повредени во невремето во Берлин

 

Две лица загинаа во Берлин поради невремето што беснее низ главниот град на Германија. Ова го соопштија од противпожарната бригада.

Двете жртви биле убиени од паѓање дрвја. Едно лице загинало кога дрво паднало врз автомобил во движење, јави информативната програма Тагесшау. И на друго место во градот, дрво паднало врз автомобил, при што загинала една жена.

Неколку лица се повредени, некои потешко. Велосипедист завршил под дрво и е тешко повреден. Неколку лица се пренесени во болница.

Вонредна состојба

Противпожарната бригада на Берлин прогласи вонредна состојба и доби повеќе од 500 пријави низ градот во рок од час и половина. Германската метеоролошка служба извести дека е измерена брзина на ветерот до 108 километри на час.

„Бидејќи дрвјата имаат лисја во овој период од годината, тие се поподложни на ветрот“, изјави метеоролог за Тагесшау.

Невремето делумно го парализираше железничкиот сообраќај во Берлин и покраината Бранденбург. Поради паднати гранки, сообраќајот S-Bahn на градскиот воз во Берлин беше целосно прекинат. Тој беше делумно обновен подоцна во вечерните часови.

 

извор:НОС ХОЛАНДИЈА