Граѓаните да инвестираат во акции за изградба на ХЕЦ „Чебрен“, предлага РКЕ

Граѓаните, наместо да ги вложуваат своите средства во недвижности, да добијат можност да учествуваат во изградбата на хидроенергетскиот проект „Чебрен“ преку инвестиции во акции, предложи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов.

Изјавата беше дадена на тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста – енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“, организирана од „Фајнанс тинк“.

РКЕ: Инвестиции преку акции наместо во недвижности
Според Ристов, енергетиката не треба да биде привилегија само на државата, туку можност за директно учество и вложување на граѓаните.

„При реализација на вакви стратешки проекти, освен класично кредитирање, треба да се разгледа и модел на акционерско друштво. На тој начин, граѓаните наместо да вложуваат во недвижности, ќе можат да инвестираат во акции и да учествуваат во изградбата“, изјави Ристов.

Тој нагласи дека енергетската транзиција е веќе реалност и дека државата прави чекори кон намалување на зависноста од фосилни горива, посочувајќи ја когенеративната централа во Битола како пример за таа определба.

„Чебрен“ и „Галиште“ како стратешки проекти
Повикот следи откако премиерот Христијан Мицкоски, неодамна изјави дека се размислува државата сама да ги гради „Чебрен“ и „Галиште“, коишто се стратешки приоритет за Северна Македонија и регионот.

Тој потсети дека инвестицијата во проектот може да достигне до 1,5 милијарди евра и има значење не само за енергетиката, туку и за водните ресурси.

Ваквиот потег следи по неколкуте неуспешни обиди за реализација преку јавно-приватни партнерства и тендери, по што Владата бара начин како сама да го реализира самостојно.

„Една од иницијативите е државата сама да го изгради комплексот хидроцентрали на реката Црна, познат како ‘Чебрен и Галиште’. Сметаме дека ова е стратешка инвестиција за државата и регионот“, изјави Мицкоски на 9 јуни.

Ако се обезбеди финансиска поддршка, надежите се дека следната година може да започне изградбата на овој важен проект.

Чебрен како енергетски и воден ресурс
Освен за производство на електрична енергија, проектот „Чебрен“ има значајна улога и во обезбедување резерви на вода. Идејата е акумулациите да служат како важни резервоари за пивка вода, особено во контекст на климатските промени.

Дополнително, системот ќе има влијание и врз земјоделството, имајќи предвид дека преку постојната хидроцентрала „Тиквеш“ се наводнуваат околу 60.000 хектари земјоделско земјиште.

Идејата за „Чебрен“ се провлекува со години наназад. Во последните две децении, проектот неколкупати беше предмет на неуспешни тендери и обиди за реализација.

 

 

DW