Даноци: УЈП проверува приходи од Авганистан и Германија

Оданочувањето на доходот остварен во странство не претставува нова обврска и не станува збор за ретроактивно воведување данок, туку за примена на постојниот систем на самооданочување. Физичките лица се должни самостојно да го пријават доходот, особено кога истиот е остварен во странство.

Ова е ставот на Управата за јавни приходи (УЈП), откако група граѓани повторно се собраа пред институцијата за да го искажат незадоволството од решенијата за плаќање данок за работен ангажман во странство. Најчесто станува збор за лица кои работеле во Авганистан, како и за студенти што преку програмата „Work and Travel“ престојувале и работеле во Германија.

Десетици илјади случаи на приливи од странство
Во изминатиот период, УЈП спроведува интензивни проверки за ангажмани во странски мисии во Авганистан и Ирак, како и за студенти кои работеле во странство преку меѓународни програми. За овие категории се вршат поединечни анализи, директни средби и информативни активности, со можност даночните обврски да се подмират на рати.

Според податоците на УЈП, во периодот од 2020 до 2026 година се евидентирани десетици илјади случаина приливи од странство кај физички лица. Само во 2020 година биле испратени 11.527 известувања за можен оданочив доход, додека во 2025 година биле регистрирани 70.869 лица со приливи од странство, во вкупен износ од 577 милиони евра.

Податоците од банките се вкрстуваат системски
На брифинг со новинарите, директорката на УЈП, Елена Петрова, истакна дека по анализата за 2020 година, 2.276 лица доброволно поднеле електронски пресметки (е-ППД), додека кај 3.637 лица даночната обврска била утврдена по службена должност. Вкупно биле задолжени 5.913 лица, а кај 5.614 било утврдено дека приливите не се оданочиви, односно станува збор за приватни трансфери.

Вкупно утврдениот данок за 2020 година изнесува 171,6 милиони денари, од кои досега се наплатени 30,4 милиони денари.

Во втората половина на 2024 година започнала системска анализа, прочистување и вкрстување на податоците за приливите од странство кои УЈП ги добива од банките. Овие податоци, иако претходно биле законски доставувани, сè до тогаш не биле обработувани на ваков начин.

Според податоците од банките, во 2025 година 70.869 граѓани примиле приливи од странство во износ од 577 милиони евра.

Протести и жалби поради даночни решенија
Во однос на реакциите во јавноста, од УЈП се децидни дека двојно оданочување не може да се случи доколку граѓаните достават доказ за платен данок во странство и постапката се спроведе согласно законите и меѓународните договори.

Граѓани од Куманово, членови на здружението „Правда за сите“, протестираа пред УЈП, давајќи поддршка на студентите и работниците од странство кои се соочуваат со даночни обврски за минати години. Протестот во Скопје следува по петмесечни протести во Куманово и средба со раководството на УЈП, на која граѓаните се жалеле на пропусти во постапувањето.

 

 

 

DW