Дарко Стојанов: Благодарение на Бога јас бев еден од посреќните кој што се спаси таа траорна ноќ

Дарко Стојанов е еден од повредените од катастрофалниот пожар во Кочани. Тој се огласи на социјалните мрежи откако вчера се врати од лекувањето во Клиничкиот центар во Белград, Србија. Тој во својот пост се заблагодари на целиот македонски народ, на солидарноста, епматијата и храброста која ја добива.

„Со оваа објава пред се сакам јавно да се заблагодарам за личната поддршка која ја добив од огромен дел од вас. Мојата здравствена состојба е добра и стабилна, а сега следува малку подолг процес на опоравување, додека да бидат санирани сите последици, но ќе бидам добро. Физичките рани и лузните на телото ќе останат, но веќе нема да крварат и нема да болат. Благодарение на Бога јас бев еден од посреќните кој што се спаси таа траорна ноќ. Но, огромен дел за жал ја немаа таа среќа. Болката да се изгуби некој во тој пекол ја почувствував и јас. Тоа е рана која никогаш нема да зарасне, Раната на душата кој ќе крвари во мене до крајот на мојот живот. Благодарам на сите институции кои беа вклучени во организирањето и реализацијата за лечење во СРБИЈА и останатите земји. Доколку не се случеше тоа, не знам дали сега ќе го пишував ова. Благодарение на целиот медицински персонал во нашата држава, бидејќи тоа се вистинските херои. Се надевам дека што поскоро ќе го сфатиме тоа како држава и дека тие ќе бидат наградени соодветно за се што прават. Се надевам дека ови херои што побрзо ќе добијат се што заслужуваат. Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ“, пишува Стојанов

 

 

Тој вели дека не постојат зборови со кои може да се заблагодари на целиот персонал од Клиничкиот центар во Србија. Посочи дека неговите деца сеуште имаат татко благодарение на докторите, медицинските сестри и техничари од клиниката. Тој додава дека тие биле неговите ангели чувари и му се заблагодари на српскиот народ.

„Посакувам што побрзо закрепнуваење на сите кои се повредени и што побрзо да ги гушнат своите сакани. И се надевам дека оваа траорна трагедија ќе не обедини како народ и ќе ни ги отвори очите како луѓе. Гушнете ги најблиските, фамилијата, пријателите. Кажете им дека ги сакате. Никогаш не можете да знаете кога е тоа за последен пат“, посочува Стојанов во неговиот пост.