Денеска, 21 мај, Црна Гора одбележува две децении од историскиот референдум кој го поплочи патот за нејзино отцепување од државната заедница со Србија. Прославата се одржува во атмосфера на големи достигнувања на земјата меѓу државите од Западен Балкан во процесот на евроинтеграциите.
Во текот на изминатите неколку години, Подгорица успеа да ги реактивира заглавените преговори за пристапување кон ЕУ, да ги забрза реформите и да се позиционира како фаворит од регионот за членство во Унијата во време кога Брисел повторно покажува интерес за прием на нови членки.
„Лесно е да се биде ѕвезда во училница полна лоши ученици“, вели за ДВ Далиборка Уљаревиќ од Центарот за граѓанско образование во Подгорица. Нејзината забелешка фрла светло врз поширокиот регионален контекст. Додека голем дел од Западен Балкан стагнираше, или дури и назадуваше на патот кон ЕУ, Црна Гора успеа да направи капитал од геополитичкиот момент со инвазијата на Русија врз Украина и обновениот фокус на ЕУ кон проширувањето.
Референдум за независност
Црна Гора прогласи независност од Србија во 2006 година по референдум со висока излезност, на кој 55,5% од гласачите се изјаснија за напуштање на унијата со Србија.
Во следните 14 години, земјата управувана од Демократската партија на социјалистите (ДПС) и нејзиниот лидер, моќникот Мило Ѓукановиќ, се соочуваше со постојани обвинувања за корупција и поврзаност на политичките елити и организираниот криминал, додека критичарите сè повеќе ја опишуваа Црна Гора како „заробена држава“.
DW




