Десетици загинати при пад на воен авион во Колумбија

Во Колумбија се случи тешка авионска несреќа во која загинаа најмалку 66 лица, откако воен транспортен авион од типот „Херкулес“ се урна кратко по полетувањето. Повеќе локални медиуми, повикувајќи се на официјални извори, објавија дека бројот на загинати е значително повисок од првично пријавените 34 жртви. Десетици повредени се префрлени во болници во околината.

Според податоците на армијата, на авионот имало вкупно 125 лица — 114 војници и 11 членови на екипажот. Судбината на дел од патниците сè уште не е позната, а причините за несреќата остануваат предмет на истрага.

Авионот се урнал веднаш по полетувањето
Министерот за одбрана, Педро Санчез, соопшти дека транспортниот авион се урнал во јужниот дел на Колумбија. Несреќата се случила непосредно по полетувањето од Пуерто Легисамо, во близина на границата со Еквадор.

Во оваа погранична зона колумбиската и еквадорската армија водат континуирани операции против наркокартели и нелегални вооружени групи.

На снимките објавени од локални извори се гледа запален труп на авионот. Министерот информираше дека воени тимови веќе се на терен и ја координираат потрагата и спасувачките активности. Тој го опиша падот како „длабоко болен настан“ за Колумбија.

Ангажирани локални жители и спасувачки екипи
Радиостаницата Блурадио јави дека локални жители и припадници на безбедносните сили веднаш се упатиле кон местото на несреќата за да помогнат во евакуацијата и згрижувањето на повредените.

Ова е втор пад на авион од типот „Херкулес“ во регионот за само неколку недели. На крајот на февруари, во Боливија се урна транспортен авион од истиот модел, при што загинаа најмалку 24 лица.

 

DW