Повеќе отрезнети отколку надежни – така може да се сумира општото расположение на европските лидери во пресрет на овогодинешната Минхенска безбедносна конференција (13-15 февруари 2026 година). Пред нешто повеќе од една година, откако Доналд Трамп го започна вториот мандат како претседател на САД, трансатлантските релации важат за урнисани. Деструктивната надворешна политика на Трамп фрла сенка врз состанокот на високо ниво, меѓународно познат како Минхенска безбедносна конференција.
Деструкцијата како централна карактеристика на актуелната политика
Конференцијата со децении се дефинира како трансатлантска. Но, според зборовите на нејзиниот претседател Волфганг Ишингер, во меѓувреме владее „до сега невидена криза на кредибилитет и доверба“.
„Минхенскиот безбедносен извештај“, кој се објавува пропратно со конференцијата, го носи насловот „Во деструкција”, што само по себе доволно кажува. Извештајот го сместува Доналд Трамп во категоријата „човек што демолира“, односно еден од оние шефови на држави кои со своите политики на „уривање“, ги уништуваат важечките правила и институции кои уживаат почит. Наводите на Трамп, дека не му е потребно меѓународно право, се само еден од многуте докази за тоа. Иако условите се потешки од било кога, Минхенската безбедносна конференција основана пред повеќе од 60 години, и годинава се гледа како форум за размена и дијалог. Меѓу повеќе од илјада учесници, не помалку од 200 се владини претставници од 120 држави. Во прочуениот хотел Бајеришер Хоф, меѓу другите се очекуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и данската премиерка Мете Фредериксен. Таа неодамна храбро му се спротивстави на Доналд Трамп кога тој положи права на поседување на Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска.
САД го испраќаат државниот секретар Марко Рубио
И покрај тензиите во трансатлантските односи, и годинава ќе има голема делегација од САД, претставувана од државниот секретар Марко Рубио. Ишингер рече дека очекува Рубио „да зборува за американската надворешна политика, а не за теми што не спаѓаат директно во негова надлежност“. Тоа е недвосмислена алузија на жестокиот говор со кој американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја иритираше публиката на конференцијата минатата година. Венс, кој годинава не е на списокот на гости, го критикуваше наводниот недостаток на слобода на говор во Европа.
DW




