ДЗР: Исти лица преку повеќе фирми добивале средства за проекти од Фондот за иновации

Фондот за иновации и технолошки развој нема воспоставено механизам за систематско и сеопфатно следење на постигнатите резултати од поддржаните проекти по нивното завршување, објави денеска (25 декември) Државниот завод за ревизија, соопштувајќи ги резултатите од извршената ревизија за 2024 година.

Ревизорите утврдиле дека Фондот за иновации и технолошки развој не врши ниту длабинска деловна и финансиска анализа на проектите за кои овозможил поддршка.

-На крајот на известувачкиот период искажува неподмирени обврски во износ од 13.863.000 евра, се наведува во извештајот на Заводот за ревизија.

Фондот за иновации и технолошки развој е основан во декември 2013, со цел поттикнување на иновациите, преку обезбедување дополнителни извори за финансирање на иновациите, заради потребата да се изгради конкурентна економија основана на знаење.

Со спроведената ревизија на финансиското работење и усогласеноста на Фондот за иновации и технолошки развој за 2024 година, Државниот завод за ревизија утврдил слабости и недоследности кои укажуваат на потреба од подобрување на финансиското управување, зајакнување на контролите и целосно почитување на законската регулатива.

Неповолно мислење за реалноста на финансиските извештаи

Ревизорите констатирале состојби, неправилности и неусогласености во работењето и поради „нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметките на основен буџет, како и мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година на сметката на буџет од самофинансирачки активности.

Ревизијата утврди слабости во евидентирањето на обврските на ФИТР, при што дел од обврските не се навремено и целосно прикажани во сметководствената евиденција, стои во извештајот.

 

 

 

slobodnaevropa.mk