Медицинска опрема и материјали вредни над 6,7 милиони евра пристигнале како донации во македонското јавно здравство во последната година. Овие донации ги добиле 85 установи, покажуваат податоците што ги објави ресорното министерство. Додека со донациите се опремуваат и хируршки сали и канцеларии, во дел од тоалетите нема ниту сапун, ниту врати.
„Секое дете заслужува шанса и затоа нашата помош ќе оди кај малите херои. Обезбедуваме донација за местото каде што секојдневно се спасуваат детски животи, Детската клиника“, вели за Радио Слободна Европа, атлетичарот Антонио Пандовски кој организира донаторска акција за Клиниката за детски болести.
Во рамките на акцијата што ја организира со поддршка на Фондацијата „Ице Бегов“, досега се собрани 43.370 евра.
Акцијата завршува в понеделник, но Антонио е оптимист дека до тогаш ќе ја постигнат крајната цел, а тоа е сума од 45.500 евра. Како што и претходно објави РСЕ, овие средства се потребни за да се купат шест апарати за Клиниката, кои би им помогнале на „најмалите пациенти што ги водат најтешките битки“.
Антонио вели дека сакале донацијата да направи вистинска разлика, па затоа претходно разговарале со раководството на Клиниката, кое ги предочило најитните потреби.
slobodnaevropa.mk




