Дочекот на хрватските ракометари во Загреб, кои освоија бронзен медал, прерасна во политичка пресметка

Контроверзата околу дочекот на бронзаните хрватски ракометари во центарот на Загребуште еднаш ја разоткри длабоката поделба во хрватското општество и неможноста да се изгради заеднички наратив. Првично замислен како свечена прослава по освојувањето на бронзата на хрватските ракометари на Европското првенство, дочекот на плоштадот „Бан Јелачиќ“ заврши како политички театар во кој самите ракометари имаа споредна улога. На едната страна беше градоначалникот Томислав Томашевиќ, а на другата премиерот Андреј Пленковиќ и вистинската ѕвезда на вечерта – Марко Перковиќ Томпсон.

„Станува збор за контрола врз патриотизмот, односно кој има легитимитет да ја претставува хрватската патриотска позиција“, изјави за Дојче Веле политичкиот аналитичар Жарко Пуховски.

ХДЗ не сака конкуренција од екстремната десница
Пуховски појаснува дека ХДЗ традиционално го задржувала монополот врз патриотскиот наратив.Но, како што партијата се движела кон центарот, кај екстремната десница се отворале амбиции да ја преземе таа улога. Како реакција, ХДЗ ја зацврстила својата позиција со поддршка за Томпсон и неговите концерти.

Овој процес, вели Пуховски, почнал уште минатото лето со поддршката од Пленковиќ и членови на Владата за големиот концерт на Томпсон на загрепскиот Хиподром. Ракометниот успех бил само нова можност за демонстрација на патриотизам, бидејќи навивањето за репрезентацијата обединува најширока публика.

Од другата страна, Томашевиќ и неговото движење „Можеме!“ се обидуваат да се профилираат како левичарска, антифашистичка алтернатива што се спротивставува на ревизионистичките обиди на Томпсон да ги нормализира усташите и да го прикаже усташкото движење од Втората светска војна како патриотско и безопасно. Затоа, повикувајќи се на претходна одлука на Градската управа, градоначалникот го забрани настапот на Томпсон на јавни места во градот.

„Удар на државата врз градот“
Како одговор, Владата реши самостојно да го преземе организирањето на дочекот – со Томпсон, и покрај важечките закони според кои секој јавен собир на градски простор мора да добие дозвола од локалната власт. „Владата не побарала дозвола од градот и со тоа ја прекршила уставната одредба дека локалната самоуправа е коректив на државната власт“, објаснува Пуховски. Во овој случај, државата ги ограничила овластувањата на самоуправата и спротивно на волјата на градот организирала собир. Според него, случајот најверојатно ќе заврши на суд.

Томашевиќ го нарече потегот на Владата скандалозен и „удар на државата врз градот Загреб“. Според него, Пленковиќ покажал непочитување кон демократски избраната локална власт.

Премиерот ги отфрли критиките. „Одбивам какви било тврдења за противуставно или незаконско постапување. Владата работи согласно Уставот, законите, овластувањата и, што е најважно, здравиот разум“, порача Пленковиќ.

Политички победници – од двете страни
Според Пуховски, контроверзијата им донела добивка на двете страни. „’Можеме!’, како градска власт, доби поени кај своите поддржувачи затоа што се спротивстави на бројните притисоци. Паралелно, Пленковиќ добива политички поени како човекот кој ја ’спасил ситуацијата’ и овозможил Томпсон да настапи на плоштадот.“

Ракометарите имале споредна улога и, според Пуховски, веројатно биле инструментализирани. Прво прифатиле дочек без Томпсон, а потоа – веднаш по освојувањето на бронзата – го прекршиле договорот и барале задолжителен негов настап.

Длабока општествена поделба
Настанот уште еднаш го покажа длабокиот расцеп во хрватското општество. Поранешната премиерка и лидерка на ХДЗ, Јадранка Косор, на мрежата Икс напиша: „Ова е сега војна. Без преседан во политичката историја на Република Хрватска!“.

Поранешната министерка за надворешни и европски работи Весна Пусиќ коментираше: „Ова насилство со Томпсон врз граѓанките и граѓаните на Загреб мора еднаш да престане! Не го сакаме! Избравме градоначалник кој ја одразува волјата на мнозинството. Доста со примитивното неоусташтво! Ракометарите нека играат ракомет, а не да водат политиката“.

Првите реакции стигнаа и од странство. Француската новинска агенција АФП објави текст со наслов: „Хрватскиот ултранационалистички пејач одржа концерт во Загреб и покрај расправијата“. Во него се наведува дека „контроверзниот ултранационалистички пејач во понеделник ја поздрави ракометната репрезентација по освојувањето на медалот, откако пропаднаа обидите на градоначалникот да го спречи тоа“. Агенцијата потсетува и дека Марко Перковиќ Томпсон е познат по песната што започнува со поздрав од времето на усташкиот режим, а неговите обожаватели често истакнуваат фашистички симболи. Овојпат, сепак, спорната песна не била изведена.

 

 

 

DW