Министерството за внатрешни работи организира евакуација на жителите на Трубарево и на сите граѓани од околните населени места кои сакаат да бидат сместени на безбедна локација, во Центарот за обука на МВР. Ова доцна вечерва го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција.
Тошковски информираше дека мерните инструменти регистрирале високи нивоа на штетни гасови во радиус од 150 метри од локацијата на пожарот. „Од 150 до 200 метри загадувањето е на средно ниво, од 200 до 400 метри е ниско, а над 400 метри не е констатирано загадување,“ изјави министерот.
Според него, температурата во средиштето на пожарот достигнала повеќе од 500 степени. Тој додаде дека мерењата на Дирекцијата за радијациона сигурност не утврдиле никакви радиолошки зрачења.
Министерот нагласи дека пожарот сè уште се гаси и дека на терен се нанесува песок, согласно препораките добиени од странски консултанти.
skopjeinfo.mk




