Европската комисија се закани со мерки против Унгарија доколку владата на премиерот Виктор Орбан усвои контроверзен закон со кој се ограничува работата на невладините организации.
Воведувањето на законот за „транспарентност во јавниот живот“ би наметнало строги прописи за невладините организации финансирани од странство, кои се сметаат за ризик за суверенитетот на Унгарија, пишува ДПА.
Според Комисијата, предлог-законот, поднесен до унгарскиот парламент од конзервативната националистичка партија Фидес на Орбан, претставува сериозно кршење на правата на ЕУ.
Комисијата побара повлекување на нацрт-законот од законодавната постапка.
Доколку законот биде усвоен како што се очекува, Комисијата предводена од претседателката Урсула фон дер Лајен најави дека нема да се двоуми да ги преземе потребните мерки.
Комисијата може да покрене посебни постапки за вакви случаи на прекршувања, што резултира со високи казни за земјите-членки кои не го почитуваат правото на ЕУ.
slobodnaevropa.mk