Растот на цените на горивата повторно ја става инфлацијата во фокус, со зголемен ризик од нов бран поскапувања, особено кај храната и основните производи. Иако во моментов цените на храната се релативно стабилни, економистите предупредуваат дека овој тренд може брзо да се промени.
Фајнанс тинк: горивата го туркаат инфлаторниот притисок
Според Фајнанс тинк, месечниот раст на цените во април изнесува умерени 0,7%, но растот на цените на нафтата претставува сериозен ризик за нов инфлаторен бран. Најранливи се производите и услугите со високи транспортни и енергетски трошоци.
Маслото за јадење веќе покажува чувствителност на глобалните ценовни движења, делумно поради зголемената употреба на земјоделски суровини за биогорива.
Податоците за почетокот на мај покажуваат дека цените на дизелот растат низ Европа, и покрај владините интервенции. Ова укажува дека инфлацијата е доминантно придвижена од глобалните пазари, а не од домашните политики.
„Доколку ваквиот енергетски притисок продолжи, веројатно е дека со задоцнување ќе почнат посилно да реагираат и цените на храната. Во услови на продолжени геополитички тензии и нестабилни енергетски пазари, ризикот од ново разгорување на инфлацијата останува значителен. Сепак, не се очекува инфлациска динамика до нивоата од 2022 и 2023 година“, посочуваат од Фајнанс тинк.
Статистика: храната повторно под притисок
Според Државниот завод за статистика, инфлацијата во април на годишно ниво изнесува околу 5,7%, додека месечното зголемување е 1,3%. Најмногу поскапеле алкохол и тутун (+10,2%), храна и безалкохолни пијалаци (+8%)
Кумулативната инфлација во периодот од 2022 до 2026 достигнува околу 36%, додека цените на храната пораснале за над 45%. Ова значи дека граѓаните за истите производи денес плаќаат значително повеќе, додека платите не го следат тој раст.
Експертите бараат внимателни политики
Фајнанс тинк во анализата во март годинава посочи дека економските политики треба внимателно да го следат развојот на енергетските пазари. Во случај на нов ценовен шок, можно решение се привремени интервенции преку даноци и акцизи, но тие треба да бидат временски ограничени и фискално одржливи.
И извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевски, смета дека е важно да не се носат избрзани мерки. „За Македонија е важно внимателно да ги следи економските движења и да не презема брзи чекори. Инфраструктурните проекти и економските реформи се клучни за заштита на стандардот на граѓаните“, изјави таа по отворањето на Самитот 2026.
Според неа, инвестициите, особено инфраструктурните, придонесуваат за економски раст, но потребни се и подлабоки структурни реформи. „Треба да размислуваме за структурни реформи, иако тие се тешки во услови на неизвесност и ограничен фискален простор. Компаниите исто така мора да се модернизираат и да ја зголемат својата конкурентност“, истакна Мојсоска-Блажевски.
Таа додава дека глобалната неизвесност, случувањата на Блискиот Исток и побавниот раст во Европската Унија влијаат врз домашната економија. „Забележуваме умерено забрзување на инфлацијата, главно поради транспортните трошоци. Народната банка смета дека монетарната политика засега е соодветна. Се очекува економски раст од околу 3,5 проценти оваа година“, посочи таа.
Во однос на мерките, нагласува дека тие треба да бидат таргетирани: „Поддршката треба да биде насочена кон најранливите категории, наместо универзални мерки.
DW




