На денот на инаугурацијата на Доналд Трамп, за ЕУ немаше голем удар. Новиот американски претседател барем засега не најави никакви увозни царини за производите од ЕУ. За време на предизборната кампања Трамп се закани дека ќе воведе нови царини од 10 до 20 отсто за увозот од ЕУ.
Европа не одигра голема улога во првите часови од вториот мандат на Трамп, беше забележано и во Европскиот парламент во вторникот (21.01). Затоа пак, во рамките на ЕУ и тоа како се дискутира во врска со тоа како Унијата да се справи со новата администрација на Трамп.
На Светскиот економски форум во Давос, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се изјасни за прагматизам. „Ќе бидеме прагматични, но секогаш ќе се држиме до нашите принципи“, нагласи таа. Главниот приоритет сега е да се разговара за заедничките интереси меѓу САД и ЕУ и да се биде отворен за преговори.
Во понеделникот, Трамп само рече дека сака да го балансира трговскиот дефицит со ЕУ или преку царини, или преку поголем извоз на енергија – како нафта и природен гас.
„Двојна стратегија“ за трговски прашања
Во Европскиот парламент, комесарот за трговија Марош Шефчович истакна дека ЕУ е веќе најголем увозник на американскиот течен гас. Околу 50 отсто од ЛНГ гасот во ЕУ доаѓа од САД. Сепак, Словакот рече дека има подготвеност за проширување на оваа стратешка соработка со новата администрација на Трамп – веројатно веќе со поглед на можни преговори. Во исто време, сепак, има подготвеност и за одбрана на легитимните интереси на ЕУ доколку е тоа потребно.
Овој пристап најверојатно е она што Бернд Ланге, претседател на Комисијата за трговија, го нарекува „двојна стратегија“. Според социјалдемократот Ланге, ЕУ треба да преговара каде што е можно и да се брани од напади каде што е потребно.
Во интервју за ДВ, претседателот на Комисијата за надворешни работи во ЕП, Дејвид Мекалистер, нагласува дека Европската кмисија е подобро подготвена за вториот мандат на Трамп. Освен тоа, овојпат многу рано е воспоставен контакт со новата влада и јасно е ставено до знаење дека царините и контрацарините ќе доведат до состојба на загуба-загуба, нагласува демохристијанинот Мекалистер.
Пратениците повикуваат на европско единство
Меѓу европарламентарците постои широка согласност дека мора да се спречи ескалација на трговскиот конфликт со Доналд Трамп. Шпанецот Франциско Хозе Милан Мон нагласува дека трговска војна нема да му користи никому. Наместо тоа, ЕУ мора да се залага за трговски односи со САД, вели политичарот од конзервативната Европска народна партија. Покрај тоа, Европејците треба да дејствуваат заедно и да не се обидуваат да изнајдат поединечни решенија со Вашингтон.
Членката на Партијата на зелените, Ана Кавацини, исто така, смета дека „Европа обединета“ мора да биде одговорот на „Да ја направиме Америка повторно голема“. Ова значи и да не се попушта ни милиметар кога станува збор за регулирање на големите технолошки компании. Кавацини ја повикува ЕК да ги искористи овластувањата согласно Законот за дигитални услуги.
Дискусијата за тоа како да се осигура големите технолошки компании да се придржуваат до европските правила доби на интензитет особено поради инаугурацијата на Трамп и неговата близина со Илон Маск, сопственик на платформата X. Законот за дигитални услуги предвидува дека под закана со казни мора да се преземат мерки против незаконски содржини.
DW