Ракометниот клуб Алкалоид е победник на Европскиот куп, одлучи Европската ракометна федерација (ЕХФ). Алкалоид го доби со службени 10-0 реванш натпреварот кој не се одигра во Скопје, поради одлуката на грчки АЕК да не излезе на теренот.
На тој начин со две победи, го освои трофејот во Европскиот куп.
„Ракометниот суд на ЕХФ ја донесе својата прва одлука во врска со случајот отворен откако беше откажан реваншот од финалето на Европскиот куп за мажи на ЕХФ за сезоната 2024/25 помеѓу РК Алкалоид и РК АЕК Атина, првично закажан за 25 мај 2025 година во Скопјe. Ракометниот суд утврди дека АЕК бил должен да игра на закажаниот натпревар. Со одбивањето да го стори тоа, клубот ги прекршил релевантните прописи на ЕХФ и затоа е одговорен“, соопшти ЕХФ.
Официјалното образложение на ЕХФ беше дека „финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК во Скопје е откажано поради безбедносни причини“. Ненадејниот развој на настаните предизвика реакции и во Северна Македонија и во Грција.
Образложението на ЕХФ
Судот одлучил резултатот од реваншот од финалниот натпревар на Европскиот куп за мажи на ЕХФ за сезоната 2024/25, меѓу РК Алкалоид и РК АЕК Атина, да се регистрира со 10-0 за РК Алкалоид. Првиот натпревар заврши со победа на РК Алкалоид од 25-29.
„РК Алкалоид е победник на Европскиот куп за мажи на ЕХФ за сезоната 2024/25, вклучувајќи ги сите последици и предности што произлегуваат од оваа титула. Секоја жалба против овие одлуки нема да има суспензивно дејство. Одлуката што се разгледува само ги опфаќа аспектите на случајот поврзани со натпреварувањето. Посебни дисциплински постапки во врска со одбивањето да се игра натпреварот, поврзаните штети и распределбата на билетите сè уште се во тек. РК АЕК Атина може да поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена“, се додава во соопштението.
DW