Апелациониот суд разгледува жалби поврзани со пресудата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, случај што предизвика силен јавен интерес.
Четворицата осудени на доживотен затвор — Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, поднесоа жалби со барање за укинување на првостепената пресуда и враќање на постапката на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје. Истовремено, Обвинителството бара преиспитување на ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој беше обвинет за помагање при грабнувањето на неговата ќерка.
Обвинителството: Да се преиспита улогата на таткото
Вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски во образложението на жалбата истакна дека Ѓорчевски ја споделил информацијата дека Вања ќе оди сама на училиште, податок кој, според обвинителството, го знаеле само најтесните членови на семејството.
„Александар вечерта им праќа порака на децата да се облечат како да одат на планина. Неговото однесување следниот ден, кога повторувал дека детето е грабнато и убиено, како и движењето кон Качанички пат, укажуваат на одредени сомнежи“, изјави обвинителот.
DW




