Заболени од Ковид има, простор за паника засега нема

Расте бројот на заболени со вирусот Ковид-19 во Северна Македонија. Во јули пријавени се 250 случаи. Не треба да расте паниката, но сепак треба да се внимава, велат докторите. Ретко кој се тестира, а најголем број од случаите немаат тешка клиничка слика.

Температура, треска, прекумерно потење, омалаксаност, гадење, варирање на притисокот, болки во градите и тешко дишење. Овие симптоми кои ги имала скопјанката Даниела ја потсетиле на пандемијата кога два пати имала Ковид. Грлото и било зацрвенето, а матичниот лекар препишал антибиотик, но не предложил Ковид тест. Го направила на своја рака, во приватна лабораторија, бидејќи по аптеките не можела да најде брз тест. Резултатот бил позитивен на Ковид-19.

Таа е една од оние кои летово прележале Ковид. Бројот на заболени од овој вирус во Северна Македонија расте. Ова го потврдува бројот на официјално пријавените случаи, но и искуствата на лекарите.

„Има постепено зголемување на бројките, но охрабрувачки е тоа што сè уште бројот на хоспитализации не расте. Најголем дел од пациентите, би рекол 95 %, се третираат во амбулантски услови. Немаме пациенти на кислородна поддршка и на вентилатор, односно на респиратори“, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Засега, нема потреба од каква било загриженост или кревање на паника, истакнува тој.

И матичниот лекар Бојан Трајковски се согласува дека моменталната слика е далеку од панична, но како што вели, не е сјајна, па сепак треба да се внимава.

„Генерално, луѓето одат на домашно лекување, многу ретко има болнички случаи или пневмонии како претходно. Главната проблематика е диференцијацијата помеѓу ковид, грип, настинка… Неретко има и гастро-интестинални симптоми, па потврда на Ковид по некој ден. Не е само онаа респираторна патологија што беше карактеристична за Ковидот. Сега веќе гледаме испреплетување на симптоми“, изјави докторот Трајковски за Радио Слободна Европа.

 

slobodnaevropa.mk