Министерството за финасии ја реализираше аукцијата за издавање на 10-тата еврообврзница, а задолжувањето ќе се реализира преку две транши од по 500 милиони евра, со рок на доспевање од четири и од осум години.
Ова денеска го соопшти ресорната министерка, Гордана Димитриеска Кочоска откако вчера, Министерството информираше дека еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, побарувачката од инвеститорите достигнала две милијарди евра.
-Пред отворањето на американскиот пазар, книгата на инвеститори достигна дури три милијарди евра, а по неговото отворање максималната понуда надмина четири милијари евра, се вели во соопштението од Министерството за финансии (МФ).
Министерката, Димитриеска Кочоска тврди дека постигнатите каматни стапки се меѓу најповолните во однос на референтната вредност на Еурибор во последните дваесет години.
„За траншата со рок од четири години каматата изнесува 3,875 проценти, а за траншата со рок од осум години 4,75 проценти. Особено имајќи го предвид актуелното високо ниво на Еурибор, овие услови претставуваат најконкурентна цена на задолжување што државата ја има постигнато во последните две децении“, истакна Димитриеска Кочоска.
slobodnaevropa.mk




