Денеска (19.06.2026), заменик министерот за внатрешни работи, проф. д-р Астрит Исени, оствари работна посета на Граничниот премин Ќафасан, каде што одржа состанок со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, градоначалникот на Поградец, Илир Џаколи, градоначалничката на Корча, Флоринда Зегуљај, како и со раководството на Регионалниот центар за гранични работи Запад и раководството на Граничниот премин Ќафасан.
На средбата се разговараше за претстојното воведување на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, кој најпрво ќе започне да се применува на Граничниот премин Ќафасан, а потоа и на останатите гранични премини меѓу двете земји.
Беше оценето дека воспоставувањето на овој систем претставува значаен чекор кон унапредување на прекуграничната соработка и олеснување на движењето на граѓаните, преку поедноставување на процедурите и намалување на времето на чекање при преминување на државната граница, особено во периодите кога е зголемена фреквенцијата на патници.
Во таа насока, беше истакната важноста од координиран пристап и добра меѓуинституционална соработка, со цел системот „One Stop Shop“ да обезбеди поефикасен проток на патници и повисоко ниво на услуга за граѓаните од двете држави.



