Западните лидери на разговори со Зеленски во Париз за иднината на Украина

Официјални лица од повеќе од 30 западни земји од таканаречената „Коалиција на подготвените“ што го поддржуваат Киев во војната со Русија, ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски додека продолжуваат да го допрецизираат мировниот предлог насочен кон ставање крај на најголемиот и најсмртоносен конфликт во Европа од Втората светска војна.

На состанокот на 6 јануари ќе има и присуство на САД. Главните преговарачи на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, ќе бидат присутни во француската престолнина, иако државниот секретар Марко Рубио веројатно нема да дојде и покрај некои надежи во европските престолнини дека и тој ќе присуствува.

Европски претставници изјавија за РСЕ дека постои „обновено чувство на итност“ по состанокот во текот на викендот на советниците за национална безбедност и собирот на воените планери на 5 јануари.

Тие се надеваат дека собирот во Париз ќе обезбеди САД, Украина и другите европски земји „да бидат на иста страна“.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се надева дека ќе презентира „конкретни обврски“ за безбедноста на Украина по разговорите.

Идејата е дека треба да има јасност во врска со составот и распоредувањето на мировните сили во случај на прекин на огнот.
Некои официјални лица велат дека бројот што се врти во различни европски престолнини е дека силите ќе се состојат од 15.000-20.000 војници, иако некои се надеваат дека нивото ќе биде поблиску до 30.000 кои ќе работат под мотото „безбедно море, небо и копно“.

Не се откриени воени планови, но најголемиот дел од војниците би дошле од Франција и Велика Британија, кои би ја воделе копнената и воздушната компонента, додека Турција посочи дека тие би биле задолжени за обезбедување транспортни линии во Црното Море.

Повеќето европски претставници со кои Радио Слободна Европа беше во контакт веруваат дека веројатното распоредување би било во Западна Украина за поддршка и обука на украинските трупи.

 

 

slobodnaevropa.mk