Запрена истрага: нема докази за злоупотреби со мазутот

Обвинителството ја запре истрагата против 13 лица и една фирма, за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, со образложение дека нема докази за перење пари и злоупотреби. По сериозните сомнежи што пред околу една година ги отвори МВР – дека биле злоупотребувани тендери за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, со проценета вредност од над 160 милиони евра, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека предметот се затвора.

Нема докази за криминал во случајот со ТЕЦ Неготино
Од Обвинителството информираат дека од прибраните докази не е утврдено дека осомничените сториле кривични дела. Во фокусот на истрагата беше компанијата „РКМ“, која го добила тендерот, како и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски.

Со истрагата беше опфатен и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и беше баран со меѓународна потерница во рамки на случајот „Адитив“.

Анализа на докази и постапките на ЕСМ
Според Обвинителството, во текот на истрагата биле анализирани обемна документација, финансиски извештаи, договори, анекси, вештачења и изјави од сведоци, вклучително и претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино и лиценцирани компании за трговија со мазут.

Истрагата утврдила дека постапките за набавка биле спроведени во услови на енергетска криза и во согласност со законските исклучоци од Законот за јавни набавки, со цел да се обезбеди континуирано производство на електрична енергија. Дополнително, било утврдено дека ЕСМ ги вклучувала сите економски оператори со лиценца за трговија со мазут, преку јавни повици и директни известувања.

„Од доказите произлегува дека мазутот бил навремено и континуирано испорачуван, без да се доведе во прашање производството на електрична енергија. Во овој период, немало рестрикции во снабдувањето со струја, а ТЕЦ Неготино придонел за пониски цени од пазарните“, посочуваат од Обвинителството.

Според нив, не е утврдена штета врз ЕСМ или државниот буџет. Напротив, сите одлуки биле носени од надлежните органи – Управниот и Надзорниот одбор на ЕСМ. Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата покажала дека исплатените средства не претставуваат незаконски стекната корист, ниту пак доказите упатуваат на прикривање средства.

 

 

DW