Доживотен затвор за четворица обвинети побараа обвинителките од скопското јавно обвинителство во завршните зборови на судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тоа е максимална казна која ја бараат од судот за обвинетите Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски побараа судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Како што посочи обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска, исказите на обвинетите дадени пред Обвинителството не се совпаѓаат со исказите дадени пред судот, ниту пак, како што рече, се совпаѓаат со изведените докази. Според неа, не е нужно да се утврди мотивот за убиството, туку, како што рече, тој е субјективен однос на злосторникот кон делото.
„Отсуството на мотив не е причина некој да не биде осуден. Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. Дополнително ги трауматизираат фамилијата и јавноста со нивните негирања на доказите и со манипулациите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира“, посочи обвинителката.
slobodnaevropa.mk