Зошто Илон Маск сака да дели милиони на гласачите во САД

На прв поглед, понудата звучи речиси безопасно: секој што ќе се регистрира може да добие награда. Овој концепт е особено распространет во онлајн маркетингот, често комбиниран со регистрација за „њуслетер“.

Но, конкретната понуда на милијардерот Илон Маск е проблематична.

Што прави Маск и каде е проблемот во тоа?
Наградата е примамливо висока – најбогатиот човек на светот сака да подарува по милион американски долари секој ден до денот на изборите во САД. Или поточно да доделува по еден милион долари на лотарија. Од јули, Маск веќе вложил околу 75 милиони во неговата предизборна лоби група Америка ПАК, која сака да му помогне на републиканецот Доналд Трамп да се врати во Белата куќа. Во текот на викендот, Маск лично испорача два чека на настани од кампањата во два града во Пенсилванија.

Второ, не се работи за безопасна анкета, туку за политичко изразување на мислење: при регистрација не треба само да се наведе имејл адресата, како во многу други случаи, туку треба да се потпише и политичка петиција. Со тоа потписникот се обврзува на првите два амандмани на Уставот на САД, кои го гарантираат правото на слобода на изразување и правото на поседување оружје. Посветеноста на два члена на Уставот на прв поглед изгледа безопасно. Меѓутоа, во сегашниот политички пејзаж на САД, особено вториот амандман сѐ повеќе се присвојува од страна на радикалите, кои го користат за да ги торпедираат добро основаните иницијативи за селективно заострување на законите за оружје.

Она што ја прави лотаријата на Маск особено пикантна од правен аспект е третата точка: за да влезат во лотарискиот барабан, учесниците мора да бидат регистрирани како гласачи за претседателските и конгресните избори на 5-ти ноември – и да живеат во Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија или во Висконсин. Седумте американски сојузни држави важат за т.н. „свинг држави“, во кои трката е сè уште целосно отворена. Овде најверојатно ќе биде донесена одлуката дали на претседателските избори ќе победи републиканецот Доналд Трамп или демократката Камала Харис, а напорите на двата табора да добијат гласови од овие држави се соодветно интензивни.

Во Пенсилванија, Маск сака да отиде подалеку од лотаријата и да му плати 100 долари на секој регистриран гласач кој ќе ја потпише петицијата. Во сите седум „свинг држави“, потписниците ќе добијат по 47 долари за секој дополнително регрутиран потпис.

Дали лотаријата на Маск е нелегална?
Тоа е прашање за кое дискутираат американските правници. Рик Хасен, професор по право на Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес, објави блог во кој во насловот е наведено дека Маск се занимава со „очигледно нелегално купување гласови“. Во самиот напис, Хасен се повикува на Параграф 10307 (с) од Кодексот на Соединетите Американски Држави, односно федералниот закон. Тој, меѓу другото, предвидува парични или затворски казни до пет години за лицата кои „…плаќаат, нудат или прифаќаат плаќање за пријавување за гласање или за гласање“. Како втор доказ, Хасен го наведува прирачникот на Министерството за правда за кривични дела поврзани со изборите, кој „можностите за добивка“ исто така ги наведува како можност за незаконско влијание на изборите.

Брендан Фишер, правник специјализиран за прашања на финансирање кампањи, зборува за правно граничен случај: „Нема сомнеж за законитоста доколку секој потписник на петицијата кој живее во Пенсилванија има право на добивка. Но, поврзувањето на плаќањата со регистрацијата на гласачите веројатно го прекршува законот“, ја цитира новинската агенција АП изјавата на Фишер.

Конзервативниот таблоид „Њујорк пост“ го цитира Бредли Смит, поранешен раководител на изборната комисија, кој вели: „Склон сум да мислам дека тој не им плаќа на луѓето за да се регистрираат како гласачи. Тоа е преублажено. Најголем дел од добивката оди кај луѓето кои веќе се регистрирале.“

Гувернерот на Пенсилванија, демократот Џош Шапиро, веќе јавно ги повика обвинителите да започнат истрага. „Јас веќе не сум јавен обвинител на Пенсилванија, туку гувернер, но ова покренува сериозни прашања“, рече Шапиро за Ен-Би-Си.

 

 

DW