Против и воздржани немаше, бидејќи пратениците од СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците претходно ја напуштија седницата по инцидентот со новиот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, кого го обвинија за навреди и пцовки упатени кон опозициските пратеници.
За нов министер за здравство е избран Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, додека ресорот социјална политика, демографија и млади ќе го води Ѓоко Велковски, досегашен заменик-министер.
Коалицијата „Вреди“ ги презема Министерството за правда, со кое ќе раководи Јетон Шасивари, Министерството за односи меѓу заедниците, каде министер е Агон Ферати, како и Министерството за култура и туризам, кое ќе го предводи Седат Сулејмани. За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Борче Серафимовски од ЗНАМ, а Иван Стоилковиќ ќе го преземе Министерството за локална самоуправа. Министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите е Ерџан Демир.
Во обраќањето пред пратениците, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека реконструкцијата не претставува промена на владината политика, туку обид за забрзување на реформите.
„Пред вас стои предлог за нова енергија, за ново темпо и за нова фаза во развојот на државата. Денес предлагам луѓе кои доаѓаат со различни професионални искуства, но со иста обврска – да работат чесно, одговорно и во интерес на граѓаните“, рече Мицкоски. Тој додаде дека е задоволен од работата на парламентарното мнозинство и Владата, посочувајќи дека досега биле усвоени бројни реформски закони, за кои, како што рече, позитивни оценки дала и еврокомесарката Марта Кос.
По инцидентите на седницата, премиерот им се извини на пратениците и на граѓаните.
„Сакам да им се извинам на вас, пратениците, и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори“, изјави Мицкоски.
Опозицијата оцени дека реконструкцијата е признание за, како што велат, неуспехот на Владата во изминатите две години. Пратеникот на СДСМ Миле Талески изјави дека Владата „не спровела ниту една суштинска реформа“ и ја обвини дека ја враќа државата назад.
Независниот пратеник Миле Цеков рече дека ЗНАМ ги изневерила очекувањата на гласачите, додека пратеникот на Левица Борислав Крмов оцени дека од реконструкцијата политички најмногу добива коалицијата „Вреди“, која добива дополнителен ресор, а најмногу губи ЗНАМ, која го отстапува Министерството за правда.
skopjeinfo.mk




