Најмалку 3.104 индијански деца починале во интернатите во Соединетите Американски Држави (САД) во периодот помеѓу 1828 и 1970 година – бројка трипати поголема од податоците на Владата, објави „Вашингтон пост“, пренесува Анадолу.
„Вашингтон пост“ ги нарече смртните случаи во училиштата, формирани за насилно асимилирање на домородните деца во европската доселеничка култура, како „темно поглавје во американската историја што долго време е игнорирано и главно прикриено“.
„Интернатите не беа училишта, туку затворски логори, работни логори“, рече Џуди М. Гајашкибос, извршен директор на Комисијата за прашања поврзани со Индијанците во Небраска.
– „Грев што ги валка нашите души“ –
„Многу од децата се соочиле со болести, неисхранетост, разни несреќи, па дури и злоупотреба што довела до нивна смрт“, пишува американскиот дневен весник.
„Вашингтон пост“ откри дека повеќе од 800 од децата биле закопани на или во близина на просторот на училиштата, а нивните тела никогаш не биле вратени на нивните семејства или племиња.
Американскиот претседател Џо Бајден се осврна на ова трагично наследство во октомври, нарекувајќи ги злосторствата „грев што ги валка нашите души“ и упати извинување до домородните американски заедници.
Оттогаш неговата администрација спроведе мерки за поддршка на племенските народи, вклучително и проширена автономија и заштита на нивните свети места.
Историчарите истакнуваат дека вистинскиот број на загинати би можел да биде уште поголем бидејќи лошото водење евиденција и намерното прикривање го имаат прикриено и целиот размер на трагедијата.
Во соседна Канада, каде што постоеја слични установи, владина комисија ја нарече оваа практика „културен геноцид“, проценувајќи дека повеќе од 4.000 домородни деца умреле или исчезнале во интернатските училишта.
Истрагата на „Вашингтон пост“ го истакна трајното влијание на овие установи бидејќи многу локални заедници продолжуваат да се борат со сиромаштијата, високите стапки на самоубиства и системската маргинализација што произлегува од ова трауматично минато.