Повеќе илјади граѓани се собраа на антивладин протест на Савскиот плоштад во Белград на 1 септември, по повикот од средношколците во блокада на првиот ден од учебната година.
На протест тие повикаа преку социјалните мрежи со пораката „Средношколците памтат“.
Собрани кај поранешната зграда на Главната железничка станица, на барање на учениците и студентите, демонстрантите не креваат никаква бучава. Тие беа замолени да ги остават свирчињата дома бидејќи ова е комеморативен марш, пренесува агенцијата Бета.
Граѓаните се собраа на протестот доаѓајќи во колони од повеќе правци, а сообраќајот во тој дел од Белград е запрен.
Радио Слободна Европа (РСЕ) разговараше со некои од учесниците на протестот.
Сања Тасиќ вели дека протестира „од истата причина како и другите луѓе“.
„Да бараме промени што сè уште не се случиле. Бараме владеење на правото, еднаквост за сите, праведно општество“, рече таа.
Собир се организира и на кампусот на Универзитетот во Нови Сад, каде што беа прочитани имињата на загинатите во трагедијата на Железничката станица со пораката: „Нема да заборавиме и нема да се откажеме“.
На протестот се придружија и земјоделците.
slobodnaevropa.mk




