Инфлацијата не попушта – Владата се закани со „клуч на врата“ за некои маркети

Инфлацијата во Северна Македонија и натаму останува висока речиси двојно над просекот во Европа и покрај уверувањата на Владата и институциите дека спроведуваат мерки и изрекуваат казни за компаниите кои ги прекршуваат законите.

Наместо смирување, цените и натаму растат, како што покажуваат и новите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени на 8 јануари кои велат дека само во текот на на 2025 година во просек е поскапено за 4,1 процент, а цените на мало пораснале за 3,7 отсто.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека одредени маркети го кршат Законот за нефер трговски практики и посочи дека може да се соочат и со затворање.

„Ние веќе неколку месеци испраќаме контроли. Има ланец маркети кои се соочија со казни. Но, ако продолжат вака да го изигруваат Законот за нефер трговски пракси, тогаш ќе мора да стават клуч на врата“, рече Мицкоски.

Податоците на ДЗС покажуваат дека најмногу пораснале цените во рестораните и хотелите – 7,2 проценти, рекреацијата и културата – 6,4 проценти, алкохолните пијалаци и тутунот – 5,9 проценти, а поскапувања кај храната и безалкохолните пијалаци – 5,2 проценти.

Во Севрна Македонија само од ноември до декември 2025 година трошоците за живот се зголемиле за 0,4 проценти.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека имало поскапувања и за време на новогодишните празници, кога традиционално се зголемува потрошувачката.

Според нив, поскапеле речиси сите основни прехранбени производи: месото, овошјето, сувомеснатите и млечните производи, како и чоколадите и слатките, ни раскажа Весна од Скопје.

Таа вели дека цените не само што останале високи, туку дополнително биле зголемени во однос на претходните поскапувања.

„Ова не беа исти цени како претходно, имаше нови уште повисоки износи на рафтовите“, вели таа.

 

 

 

slobodnaevropa.mk