Иранските фудбалски навивачи нема да го добијат очекуваниот контингент билети за натпреварите на Светското првенство на нивната репрезентација во САД, соопшти Иранскиот фудбалски сојуз. Продажбата на влезници за групните натпревари против Нов Зеланд, Белгија и Египет станала невозможна за иранскиот сојуз ФФИ, соопшти организацијата. ФФИ ги обвинува САД, како ко-домаќин на СП, дека на овој начин сакаат да го спречат присуството на иранските навивачи.
Иран од крајот на февруари се наоѓа во воен конфликт со САД. Поради тоа, според набљудувачи во Техеран, иранските навивачи и онака имале многу мали шанси да отпатуваат на Светското првенство. Во моментов, американските дипломатски претставништва во странство не издаваат визи за ирански државјани. Покрај тоа, патувањата во САД за повеќето ирански навивачи се речиси недостапни од финансиски аспект.
Проблеми со влез и за иранската репрезентација
Според ФФИ, и покрај тоа, многу навивачи веќе го испланирале своето патување на Светското првенство и сега мора да го откажат. Сојузот сè уште се надева на посредување од страна на ФИФА, за да може да располага со билетскиот контингент од осум проценти од местата на стадионите. Овој број билети му припаѓа на секој учесник на СП за своите навивачи по натпревар.
Иранската репрезентација ќе игра во Лос Анџелес на 16 јуни против Нов Зеланд, како и на 21 јуни против Белгија. Третиот натпревар од групната фаза ќе се одигра на 27 јуни во Сиетл против Египет.
Поради ограничувањата за влез, иранскиот сојуз го премести кампот на репрезентацијата од американската сојузна држава Аризона во Тихуана во Мексико, која се наоѓа јужно од Сан Диего. Според иранскиот амбасадор во Мексико, на тимот му е дозволено да влегува во САД само на деновите кога ги игра своите натпревари на Светското првенство.
DW




