Морнарицата на иранската Револуционерна гарда предупреди на поставени морски мини во Ормускиот Теснец. Воените сили доцна во средата вечер (по локално време) објавија карта на која е означена опасна зона во вообичаените пловни патишта низ теснецот. Со оглед на воената состојба во Персискиот Залив, на сите бродови им се препорачува да користат алтернативна рута понатаму на север. На тој начин треба да се избегне „можен судир со морски мини“.
Новата рута, препорачана од Револуционерната гарда, минува долж островот Ларак, недалеку од јужниот брег на Иран.
Ормускиот Теснец важи за една од најважните поморски рути во светот, особено за транспорт на нафта и гас од земјите од Заливот. Според Меѓународната енергетска агенција (IEA), во 2023 година речиси 30 проценти од транспортиранатата нафта во светот поминала преку Ормускиот Теснец.
Откако започна војната, иранската морнарица фактички го блокираше теснецот широк 55 километри преку закани и напад врз танкери и товарни бродови, што ги зголеми цените на енергентите. Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја постави повторната отвореност на теснецот како услов за примирје.
Според податоците на иранската агенција Фарс, од почетокот на примирјето само два танкери го поминале Ормускиот Теснец. И независни аналитичари зборуваат за само мал број танкери. Дури и за време на де-факто блокадата, Иран повремено дозволувал премин на некои бродови.
Според компанијата Windward, која го следи меѓународниот бродски сообраќај, сите бродови што минуваат низ теснецот мора да ја координираат безбедната пловидба со иранските власти, а покрај тоа треба да платат и патарина од еден долар по барел транспортирана нафта – и тоа во криптовалута. Според Windward, Иран преку радио-пораки ги предупредувал танкерите во Персискиот Залив дека секој што ќе помине без дозвола ќе биде нападнат.
Иран тврди дека има право да наплаќа патарина за да ги финансира трошоците за обнова. Тоа би претставувало прекршување на слободата на мирно пловење. САД и многу други земји го отфрлаат иранскиот потег.
DW




