Предлогот на Фискалниот совет за поместување на старосната граница за пензионирање на 67 години и за мажите и за жените, засега ја нема поддршката и од партиите. Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека ниту партијата ниту Владата не поддржуваат зголемување на старосната граница за пензионирање. „Тоа е веќе кажано и е затворена тема за нас“, порачаа од партијата.
Ваквиот предлог предизвика незадоволство и кај опозицијата. Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, вели дека заговарањето за зголемување на старосната граница за заминување во пензија е уште еден во низата удари кои во изминативе шест месеци беа нанесени на грбот на работниците. За СДСМ, идејата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија е штетна и во целост ја отфрлаат.
Фискалниот совет, државна институција основана од Собранието, предлага зголемување на старосната граница за пензија на 67 години како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Овој предлог, којшто е доставен до Собранието на Северна Македонија, предвидува измената да стапи на сила во 2026 година и важи за мажите и жените. Во документот е наведено дека се предлага намалување на дефицитот во ПИОМ, преку зголемување на границата за пензионирање на мажите и жените на 67 години, како и зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа доколку состојбите се влошени и во 2027 година, да се зголеми на 21%.
Според Фискалниот совет, ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период.
Кој е виновен за дупката во ПИОМ?
Осигурениците во Северна Македонија имаат право на старосна пензија кога ќе наполнат 64 години за маж, или 62 години за жена и со најмалку 15 години стаж. Финансиските институции како ММФ и Светската банка во повеќе наврати препорачуваа да се разгледа опцијата да се зголеми старосната граница за пензионирање, со цел да се обезбеди одржливост на пензискиот систем. Во извештајот што ќе го подготви ММФ во февруари следната година, се очекува да бидат истакнати и нивните препораки и сугестии за пензискиот систем.
Во меѓувреме партиите се препукуваат кој е виновен за ваквата состојба во ПИОМ. Според СДСМ, најавите за поместување на старосната граница за пензионирање „совршено се надоврзуваат на основните принципи на функционирање на Владата на ДПМНЕ и Мицкоски: експлоатирање на трудот на работниците без никакво најави за зголемување плати, накалемувањето нови долгови и камати за унгарскиот заем, кои граѓаните се приморани да ги плаќаат од свој џеб, давањето приоритет на интересите само на неколкутемина големци блиски со ДПМНЕ, сега се надополнети и со најавата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години“.
Фактот што барањето од Фискалниот Совет го образложуваат поради воведувањето линеарно зголемување на пензиите, според Костова, значи дека повторно за лошиот популизам на ДПМНЕ е предвидено да платат граѓаните, овој пат со зголемување на прагот за пензионирање. „Политичките одлуки на ДПМНЕ имаат висока цена, за која се заговара да ја платат граѓаните. Тие ќе мора да работат подолго за да се финансираат зголемените трошоци за пензии“, наведува таа.
Ваквата мерка, според СДСМ, ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека „не сфаќаат како истите луѓе кои молчеа додека се ограбуваше државата, додека инфлацијата растеше вртоглаво, додека институциите ги распаѓаа или тие лично или нивните најблиски соработници, сега глумат душегрижници, дали мислат дека народот им верува“.
„Лицемерието и дволичноста на СДС се добро познати на граѓаните. СДС ги ограби и девастираше институциите и државните претпријатија“, велат од владејачката партија.
DW