Комисија за образование и наука на ВМРО – ДПМНЕ: Министре Шакири, дали и МОН ќе станува пилот-проект???

Пролетта дојде и во НАШАТА ЗЕМЈА. Со сите радости и стравови кај сите нас: за светската пандемија да исчезне, за војната да запре, за светската криза за храна и енергија да не нѐ уништи, да преживееме, децата да ни преживеат, да не ни отидат туѓина, небиднина за нашите души, затоа што ние, од нашата земја, сме немоќни и немо треба да ги следиме одлучните одлуки на врвот од пирамидата на нашата земја, и да преживееме, а само врвот да нѐ заслепува. Но, нема да биде така.
И, како сѐ поблиску сме до крајот на учебната година, така сѐ повеќе ни доаѓа мегафонски под пенџер да ви се обратиме. А, затоа што секој од нас прави подготовки за часови и разни пишани и виртуелни едукативни дејанија, соодветни на акробациите според Концепцијата на МиЦа, Мила Царовска, еве подготвуваме неколку редови од нашата подготовка за вас, која треба да ја земете во предвид, напишаа на својот ФБ профил од Комисија за образование и наука на ВМРО – ДПМНЕ.

Во продолжение ја објавуваме објавата во целост:

Подолу се точките кои треба да ви бидат потсетник за понатамошни насоки кога ќе почнете процедурално да се самоевалуирате. Овие точки се наменети за вас и за вашиот тим кој би требало и да биде именуван со посебно заштитено име:
,,Шчо затекнавме, шчо напраифме, за кај сме?”
Точка бр. 1
Каде се обезбедените депоа во училиштата или во просториите на МОН?
– Што според ГЕНИЈАЛНОСТА на МиЦа требаше да бидат депонирани купиштата хартии од печатени извештаи за успех од е-дневниците. Истите листови уништена хартија треба да претставуваат писмен документ за ако случајно пропадне дигиталната програма за илјадници деца со нивни лични податоци да останат на листовите?
Каква образовна хипокризија? Лукавата Концепција на МиЦа?
Кој има достапност до нив?
Патем, каде е вашата претходничка?
Точка бр. 2
Како се продолжи дигитализацијата на Концепцијата – со невидливи учебници?
Како се одвиваат обуките за новите вештини по јога, сексуално образование или плетење кои треба да се спроведат како изборни предмети по основните училишта, а за кои НВО едукатори без ниеден ден работно искуство во образование ќе земаат плати повисоки од веќе вработените? Добивте ли листа од потреба за вакви кадри, еве на пример ќе наброиме неколку села по случаен избор: Цер, Кривогаштани, Кадрифаково, Врапчиште, Долнени…?
Проверивте ли како учат децата таму, имаат, немаат услови, интернет, или имаат, немаат нормални санитарни јазли?
Точка бр. 3
Дали случајно веќе го знаете резултатот од ПИСА тестирањето, (нели МиЦа велеше најслаби сме, па ја уништи програмата која според неа беше причина за слабите резултати). Ве прашуваме дали случајно го знаете резултатот, затоа што имате многу агилна директорка на ДИЦ, за која надалеку се слуша по професионалноста во работата?
Точка бр. 4
Дали можеби и за претстојната матура го знаете резултатот, затоа што кај истата агилна директорка има вработени со отворени, па патем затворени предмети заради неоснованост (за пробивање на базите на податоци и уредно стојат како јавни документи)?
Но, каде има чад… таму?
А пак и судството ни е… специјалитет кукуреч (плетени јагнешки црева).
Точка бр. 5
Дали полека одобрувате системско згаснување на БРО?
Ние сакаме стручни лица да ни ги водат обуките и да се реализираат интензивни соработки?
Кој нас нѐ обучува за новите модели? За жал пак Концепцијата е тука.
(И со сета сила ќе ја докажеме огромната неправда за истата и ќе побараме одговорност за сите реализатори на ваквата програма).
Точка бр. 6
Какви закони ќе нѐ разделат со вреднување и исплатата на трудот?
,,Законот на Вие и Тие”?
Точка бр. 7
Дали сте се запрашале какви тимови (можеби и без да знаете) предводите: разни експертум експреси, образовни надворешни ,,стјуардеси”, нереализирани ,,поетеси и метреси”?

Последната посета на источниот сосед на нашата земја ви беше со цел и соработка на полето на образованието. Еве, да ви ја олесниме работата Министре: погледнете ја нивната програма за основно, средно и високо образование, па застанете кај основното!
Ова многу ќе ви помогне.
Кај нашите источни соседи ИСТОРИЈА е задолжителен предмет од трето одделение. Вие требало да ги прашате како тие учат историја, а имаат подобри ПИСА резултати, а ние еве правиме експеримент според МиЦа, менуваме и бришеме предмети за да добиеме повисок ПИСА резултат, патем требало да се пофалите дека 21 милион евра за 10 месеци ги стопивте за виртуелни обуки и дебели хонорари.
А, и да ве прашаме Министре, кога седнавте на столчето на МиЦа, си земавте ли кофирмим со мур, до каде е реализацијата на овој кредит од Светска Банка?
Каква Концепција, магла е сето тоа, и тоа тешка.
Резиме:
За нова Концепција, Министре треба многу време на испитување, постапно адаптирање, пилот проектирање. Во МОН има способни кадри кои вие не ги препознавте, но треба да ги препознаети да ги искористите.
Вие за жал ја продолживте траекторијата на МиЦа.
Разликата е само што таа правеше лукративни акробации за политички цели на штета на народот, и секако личен интерес, и брзо зборуваше.
А вие без иновативен афинитет, ги продолживте игрите поставени од МиЦа, и бавно зборувате. За жал кај вас МОН го направивте пилот-проект со разни експертум експреси, образовни надворешни стјуардеси, нереализирани поетеси и метреси*?
Поздрав,
Министре – мегафоните се спремни, училиштата се наша работна средина каде ние професионално се реализираме, но нашиот глас убаво се слуша и кога има ехо и на плоштадите.
*Забелешка: метреса е целосно по значење различен збор од медреса – оваа забелешка стои за да не се протолкува погрешно зборот со кој се завршува текстот напишан погоре.
✍🏻ПРОЛЕТЕН ГЛАСНИК