Косово во криза: без влада, парламент и буџет

Девет месеци по парламентарните избори во февруари 2025 година, Косово се наоѓа во сериозна институционална криза. Парламентот е распуштен, привремената влада нема полн мандат, а за 28 декември се закажани нови избори.

Албин Курти, лидер на движењето Самоопределување, кое повеќе од пет години го водеше Косово, не успеа да формира парламентарно мнозинство и покрај тоа што неговата партија освои 42% од гласовите. Претседателката Вјоса Османи на 20 ноември го распушти парламентот и го одреди датумот за вонредни избори.

По изборите, Самоопределување имаше 48 пратеници, но за формирање влада потребни се најмалку 61 глас. Курти пропадна во првиот обид на 26 октомври со 56 гласа, а неговиот колега Глаук Коњуфца на вториот обид на 19 ноември исто така не успеа.

Финансиски колапс на повидок
Без нова влада и со распуштен парламент, Косово влегува во финансиска криза поради неусвојување на буџетот за 2026 година. Во отворено писмо, 21 организација од граѓанското општество предупреди дека недонесувањето на буџетот ќе ги парализира исплатите на наставниците, лекарите, јавната администрација и социјалните трансфери за стотици илјади граѓани.

Блокиран европски план за раст
Долготрајната криза го стопираше и ратификувањето на планот за раст на ЕУ, вреден шест милијарди евра за земјите од Западен Балкан. Косово би добило над 880 милиони евра, но поради нератификување на договорот со ЕУ, досега не доби ништо.

Трите најголеми албански партии – ПДК, ЛДК и ААК– одбиваат да соработуваат со Курти, додека Самоопределување не сака коалиција со Српската листа, која има девет пратеници и е поддржана од Белград.

Поранешниот лидер на ПДК, Мемли Красниќи, го обвини Курти за „неспособност и политика на блокада“, додавајќи дека кризата ја чинела земјата „изолација и поделби“.

 

 

DW