Франција ќе ја признае Палестина како држава, соопшти претседателот Емануел Макрон. „Ова свечено ќе го објавам во септември оваа година, пред Генералното собрание на Обединетите нации“, објави Макрон на платформата X. Макрон продолжи: „Денес е итно неопходно да се стави крај на војната во Појасот Газа и да се спаси цивилното население.“
Според Макрон, прекин на огнот, ослободување на сите заложници и масовна хуманитарна помош за населението во Појасот Газа се потребни „веднаш“. Понатаму, Хамас мора да биде демилитаризиран, а Појасот Газа повторно изграден.
Демилитаризираната Палестина мора да го признае Израел
Тогаш може да се воспостави палестинска држава и да се обезбеди нејзина одржливост, оценува францускиот претседател. Демилитаризирана палестинска држава што целосно го признава Израел придонесува за безбедноста на сите на Блискиот Исток, уверен е Макрон, кој додава: „Нема алтернатива“.
Францускиот претседател, исто така, пишува и за ветувањата што му ги дал претседателот на Палестинските автономни власти, Махмуд Абас. Тој на Абас во писмо му ја изразил својата „решителност да постигне напредок“.
Макрон го објави и писмото од две страници упатено до Абас. Според писмото на Макрон, Абас претходно го осудил, меѓу другото, терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година и побарал ослободување на заложниците. Абас повторил дека Палестинската самоуправа има намера да ги спроведува суверените овластувања во Појасот Газа контролиран од Хамас и се стреми кон далекусежни реформи. Понатаму, палестинскиот претседател ја изразил својата поддршка за одржување избори следната година.
DW




