Макрон ја повикува Кина да се залага за мир и ребаланс на трговијата

Францускиот претседател Емануел Макрон апелираше до неговиот кинески колега Си Џинпинг да помогне во завршувањето на војната во Украина и во справувањето со трговските дефицити, додека двајцата лидери се сретнаа во Пекинг на 4 декември.

За Макрон, кој е на четврта посета на Кина додека е на функција, тридневната посета е можност да се зајакне поддршката за прекин на огнот во најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, како и да се привлечат повеќе кинески инвестиции во Франција.

Кина, која е главен руски трговски партнер изјави дека зазема неутрален став во врска со војната, воздржувајќи се од осуда на инвазијата на Москва.

Во четврток, Си ја повтори својата поддршка за прекин на непријателствата, велејќи му на Макрон дека „Кина ги поддржува сите напори посветени на мирот и се надева дека сите страни ќе постигнат фер, траен и обврзувачки мировен договор што е прифатлив за сите страни“.

По церемонијата на дочекот, Макрон му рече на Си дека Франција и Кина мора да ги надминат своите „разлики“, а кинескиот лидер апелираше на „постабилни“ врски.

Нивната тет-а-тет средба доаѓа во време на нови обиди за посредување во ставањето крај на речиси четиригодишната војна во Украина, при што Макрон го предводи притисокот за спротивставување на планот поддржан од САД, кој е широко критикуван за одразување на барањата на Русија.

„Мора да продолжиме да работиме за мир и стабилност во светот, и во Украина и другите региони погодени од војната“, му рече Макрон на Си, додавајќи: „Нашиот капацитет да работиме заедно е одлучувачки“.

„Се надевам дека Кина ќе се придружи на нашиот повик и на нашите напори да постигнеме, што е можно поскоро, барем прекин на огнот во форма на мораториум на напади насочени кон критичната инфраструктура“, рече тој.

 

 

 

slobodnaevropa.mk