Минатата година во земјава се родиле најмалку бебиња во независна Македонија. Во последната деценија бројот на бебиња се намалил за 4122, или сликовито, тоа е за околу 137 паралелки помалку. И додека државите од соседството со белата чума се борат со повеќе пари, помошта што ја добиваат родителите во земјава е незначителна, објави slobodnaevropa.mk.
Половина бебешка количка или адаптирано млеко за месец и половина. Толку може да се купи со 5000 денари што државата еднократно ги дава за првородено дете. Парична помош даваат и некои општини, во висина од неколку илјади денари, во зависност од тоа колку е богата општината. Родителите може да користат и други пакети помош од државата, како минимална помош, детски додаток, пари за градинка и школо, но за да ги добијат тие пари треба да немаат ништо, односно да се со ниски примања или да се невработени, а не треба да имаат ниту имот на свое име.
Пет илјади денари е понижување, вели Мирослава Симоновска, која е тазе мајка. Доколку нема мајчино млеко, адаптираното млеко за бебе чини од 1100 до 1400 денари за кутија која е доволна за една недела. Најмалку 1000 денари се потребни за основна облека за бебето, со која ќе излезе од болница. По 1000 денари чинат и витамините за развој на коските на новороденчето. А потребни се и шишиња, цуцли, тропалки, релаксатори, за што новите родители треба да одвојат и по неколку илјади денари.
Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk.