Мицкоски ги посети повредените од пожарот во Кочани

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска ги посети повредените од трагичниот пожар во Кочани, каде што во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица, а 155 се повредени.

Сите пациенти кои вчера беа хоспитализирани во болниците во Кочани и Штип, денеска се префрлени во болниците во Скопје, рече на утринскиот прес министерот за здравство Арбен Таравари.

Во Македонија се 84 лица хоспитализирани, а во странство ќе се лекуваат 51 пациент. Седум малолетници се меѓу хоспитализираните.

На скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ има 49 хоспитализирани, во Градска општа болница ( ГОБ) „8 Септември“ – 18 пациенти, Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – 17 пациенти. Во Турција се испратени 9, во Бугарија 14, во Грција 5, во Србија 17, во Унгарија 2 и четворица пациенти во Литванија. Денес се очекува уште двајца да заминат за Словенија, за Хрватска 4, за Австрија 6 и 12 да заминат со авион за Белград.