Стоиме исправени пред историјата, пред жртвата и пред споменот на луѓето кои во едно тешко и мрачно време ја избрале најтешката, но и најсветата патека, патеката на слободата.
Разловечкото востание не беше само оружен отпор. Тоа беше будење на народната свест. Тоа беше првиот силен крик на народот дека сака да живее свој на своето, достоинствено, слободно и исправено. Во овие села, по овие ридови и планини, се роди мислата дека татковината не е само земја, туку идеал за кој вреди да се страда, да се жртвува и да се живее.
Денес татковината не ја браниме со пушка во рака. Денес ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но суштината останува иста, дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас.
Мора да извлечеме и поука од минатото. Оваа земја најмногу страдала тогаш кога одвнатре имало луѓе подготвени за личен интерес да ја наведнат државата. Народот мора да биде внимателен кому му ја доверува иднината. Да не им верува на оние кои лесно се нудат за власт, а никогаш не покажале подготвеност да се жртвуваат за татковината. На оние кои пред народот зборуваат за патриотизам, а зад затворени врати даваат поклони и отстапки на тие што не ѝ мислат добро на државата.
Мора да се обединиме околу државните и националните интереси. Зашто ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца.
Да ја чуваме државата.
Да ја градиме државата.
Да не дозволиме никој да ја понижува.
Нека вечен биде споменот на хероите од Разловечкото востание


