Мицкоски најавува потежок пат кон ЕУ наместо компромиси

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата избира потежок пат кон Европската Унија,нагласувајќи дека достоинството нема цена.

„Како Влада сметаме дека покус пат до ЕУ нема. Поточно, постои, но тој е исполнет со предизвици кои често се понижувачки. Затоа го избираме потешкиот пат, преку кој членството ќе го заслужиме со квалитет и испорака“, рече Мицкоски на Самитот во Скопје организиран од „Македонија 2025“.

Тој истакна дека пристапот на оваа Влада кон евроинтеграциите се разликува од претходните, потенцирајќи дека нема да се прифаќаат решенија што би создавале идни проблеми.

Достоинството како клучен принцип
Мицкоски нагласи дека патот кон ЕУ носи притисоци и предизвици, но дека реформите мора да се спроведуваат без отстапки што го нарушуваат достоинството.

„Ќе трпите и навреди, и критики, и честопати невистини, но тоа е цената што морате да ја платите и да ја издржите. Бидејќи треба да верувате во она што го правите. Јас лично верувам дека овој потежок пат е поисправниот пат. Можеби е побавен и со предизвици, но нема друг пат. И затоа мора да докажеме дека сме најдобри“, истакна премиерот.

Тој додаде дека поддршката за ЕУ кај граѓаните останува стабилна и дека интеграцијата во Унијата е стратешка цел која не смее да се доведе во прашање.

Напредок во реформската агенда
Во однос на реформите, премиерот информираше дека од 21 индикатор, 16 се успешно реализирани, што ја позиционира земјата меѓу водечките во регионот.

„Работиме интензивно за следното мерење во јуни, со цел да продолжиме со силна испорака на реформската агенда,“ истакна Мицкоски.

Тој најави и состанок со претставници на Европската комисија, со цел забрзување на процесот и позиционирање на земјата како потенцијален „фронт ранер“ (фаворит).

Акциски план и споредба со регионот
Премиерот истакна дека акцискиот план за малцинства е целосно реализиран, додека реформската агенда дава конкретни резултати. Тој направи споредба со претходните години, нагласувајќи дека државата и порано била меѓу водечките, но и покрај тоа, процесот на интеграција останал блокиран.

„Мора да покажеме квалитет и резултати. Само така ќе го заслужиме местото во ЕУ, без наметнати услови и политички компромиси,“ порача Мицкоски и додаде:

„Не треба да бидеме тврдоглави, туку да работиме, да испорачуваме. Акциски план за малцинства – испорачан, реформска агенда – први во испораката. Мора квалитет да покажеме. Тогаш и најголемите ќе признаат, ќе симнат капа и ќе речат: ’Овие го заслужуваат местото, дај да не се глупираме со имиња, презимиња, устави и слични работи’“, нагласи премиерот.

 

 

 

DW