Мицкоски на средба со Орбан и на меѓувладин самит

Втор македонско- унгарски владин самит денеска и утре (3 – 4 март) ќе се одржи во Република Унгарија. Како што информира Владата, предвидена е тет-а-тет средба помеѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, а ќе се одржат и билатерални средби помеѓу ресорните министри, по што ќе следи и заедничка седница помеѓу двете влади.

„Во рамки на посетата предвидено е министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешна политика и трговија Петер Сијарто да потпишат Акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика во Будимпешта“, информираа од Владата.

По завршување на меѓувладината седница заедничка прес-конференција ќе одржат двајцата премиери.

Отфрлено посредништво
Ова е втора заедничка средба на владите на двете земји во период од неполни шест месеци. Првата се одржа лани на 27-ми септември во Охрид, а Мицкоски ја опиша како потврда на стратешкото сојузништво.

„Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција“, оцени тогаш премиерот.

По таа меѓувладина седница во Охрид, унгарскиот премиер ја соопшти неговата намера Унгарија како земја претседавач со ЕУ да посредува меѓу Македонија и Бугарија, со цел да се најде решение за спорот што ќе им одговара и на Скопје и на Софија.

Само неколку часа по тој предлог од Орбан, тогашниот службен министер за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, изјави дека „европскиот договор со Република Северна Македонија е јасен и дека на Бугарија не и требаат посредници во тој процес“.

Она што во тој период стави белег за продлабочени унгарско-македонски односи, е кредитот што Македонија го доби од Унгарија во висина од 500 милиони евра, со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години и грејс период од три години. Од нив 250 милиони евра се насочија за поддршка на домашните компании, а останатите 250 милиони евра насочени за инфраструктурни проекти, осносно за финансирање на проектите на општините.

Новата средба Мицкоски-Орбан се реализира во време на разлики во ставовите на западните сојузници – САД и ЕУ, околу пристапот за окончување на руската војна во Украина. Македонија минатата недела беше меѓу земјите коспонзори на предлог-резолуцијата на САД за Украина во Обединетите Нации, на тригодишнината од почетокот на војната.

 

 

DW