Мицкоски: „Пановски“ може повторно да добие тендер, но големата разлика е што веќе нема да се земаат лекови на реверс и без контрола

Проблемот со недостатокот на лекови на Клиниката за онкологија е решен за рекордно време, нема да се повтори во иднина и по првпат нема да се земаат лекови на реверси, без контрола и со избор на преферирани веледрогерии – вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. На прашањето зошто власта не е спремна да преземе одговорност за актуелната ситуација на Онкологија со оглед на тоа што има министер, директор на ФЗО и директор на Клиниката, а дел од пациентите останаа без биолошка терапија, Мицкоски вели дека скандалите датираат од поодамна.

Најчесно ќе беше да продолжиме со принципот како досега, односно омилената веледрогерија на претходната влада, да ја негуваме и третираме, како што тоа го правеше претходната влада, да добиваме лекарства на реверс кои ќе ги плаќаме 3-4 пати повеќе, без соодветна тендерска процедура, па сето тоа потоа да се враќа, надградува и додава, или да спроведеме нормална законска тендерска процедура во којашто снабдувачите ќе обезбедат ваков тип лекови за пациентите и тоа го правиме, вели премиерот.

На прашањето како тогаш и актуелното раководство на Клиниката склучило договор со веледрогеријата „Пановски“, посочувана од ВМРО-ДПМНЕ како омилена на претходната влада, Мицкоски вели дека разликата е во тоа што сега нема земање лекови на реверс.

Ова е јавно достапен документ од 11 декември минатата година – договор меѓу Клиниката за онкологија и „Пановски“, вреден 2,3 милиони евра, и тоа токму за лекови за билошка терапија, такви какви што моментално нема. Кога зборувате за омилена веледрогерија, „Пановски,“ како тогаш и вашиот директор повторно склучил милионски договор со „Пановски“ за набавка на лекови?

Мицкоски: Точно. И претпоставувам во иднина ќе има такви договори. Затоа што таа веледогерија соработува со светска компанија која е производител на дел од тие лекови коишто се аплицираат на пациентите. И природно е во иднина истата веледрогерија, се додека соработува со таа светска компанија, да не го кажувам името, станува збор за една од врвните пет компании во светот, кога ќе има јавни набавки, претпоставувам, да се јавува и да добива, но разликата е што сега повеќе нема реверси. Разликата е што сега има јасна контрола на вијалите кои се аплицираат – каде, колку и на кои пациенти се аплицираат.

На крај важно е што е резултатот од тоа. Повторно се соочуваме со ситуација во која шест лека фалат. И дел од пациентите се без терапија.

Мицкоски: Ќе ви кажам како е дојдено до тоа. Еден лек што се аплицира, вијалите се трошат. Сличен таков продолжува да се аплицира и тоа е еден систем што доведува овие 5-6 лека кои недостасуваат, да недостасуваат. И претпоставувам, ако траел подолго тендерскиот процес или јавната набавка, можеби десет ќе недостаувале. Но, поентата е дека, ќе повторам, нема повеќе реверси и точно се знае кој лек се аплицира, каде и на колку пациенти.

На прашањето што е подобро – да се земе на реверс или пациентите да се остават да умираат чекајќи терапија, Мицкоски вели:

Не би се сложил со оваа логика затоа што дилемата сега е – дали е подобро да направиме две кривични дела, отколку да не направиме ниту едно кривично дело. Дали е подобро да направиме две кривични дела за да помогнеме некому или да не направиме кривично дело, а повотрно со одложено дејство да помогнеме некому. Јас сум повеќе за ова второто, затоа што кривично дело си е кривично дело и затоа морав да дадам вовед и мораме да се навратиме во минатото затоа што ние се уште исправаме системски грешки кои се последица на едно лошо меннаџирање и управување во минатото.

Мицкоски вети дека повеќе нема да недостасуваат лекови за болните од рак.