По последното поскапување на дизелот за 14,5 денари и на бензините за пет денари за литар, премиерот Христијан Мицкоски најави корекција на цените.
„Очекувам за 2,5 денари да бидат намалени нафтата и нафтените деривати“, изјави Мицкоски, по најавата од компанијата „Окта“, која соопшти дека од денеска (13.03) до крајот на март ќе одобри попуст на компаниите коишто соработуваат со околу 45 до 50 долари по тон. Како што вели Мицкоски, тоа ќе значи намалување по 2,5 денари по литар за нафтата и нафтените деривати.
Мицкоски: РКЕ треба да ја коригира цената уште денес
При посетата на Кочани, Мицкоски рече дека разговарал со повеќе сопственици на бензиски пумпи. „Бидејќи РКЕ ја одредува највисоката цена, очекувам дека уште денес ќе има намалување од 2,5 денари. Тоа значи дека литар дизел ќе чини околу едно евро и 35 центи“, изјави тој.
Тој направи споредба со цените во соседството. „Во Србија, на пример, е веќе над 1,80 евра, во Албанија е 1,80 евра, во Косово е над 1,50 евра. Во Европа е веќе над 2 евра, некаде во земјите на Европската Унија е 2,2 евра дизелот“.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека овој потег е резултат на зголемените количини гориво обезбедени преку продуктоводот „Вардакс“, што го засилува снабдувањето на државата.
Таа истакна дека, и покрај растот на цените на нафтата на светските пазари, снабдувањето со гориво во Македонија е стабилно, а компаниите имаат доволно залихи согласно Прaвилникот за оперативни резерви.
Инспекциските контроли на Пазарната инспекција, според Божиновска, покажале дека сите трговци ги поседуваат задолжителните петдневни резерви.
Филипче: Власта профитира од поскапувањето на горивата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Фокус“ изјави дека Владата не презела мерки за заштита на граѓаните од ценовните шокови, туку дополнително профитира од поскапувањето.
Тој ја критикуваше Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која одлучи корекциите на цените да се прават еднаш неделно, наместо секој ден. „Кога светските цени на нафтата паднаа на 84–86 долари за барел, според стариот правилник РКЕ веднаш ќе ја намалеше цената на бензинот и дизелот. Сега граѓаните цела недела плаќаат повисоки цени“, изјави Филипче.
Според него, поради оваа одлука, во буџетот за само седум дена ќе се слеат околу три милиони евра дополнителни приходи.
Геополитичкиот притисок и глобалниот раст на цените
Конфликтот на Блискиот Исток го наруши протокот низ Ормускиот Теснец, клучен морски коридор низ кој минуваат околу 20% од светската нафта. Поради тоа, цените на глобалните пазари нагло пораснаа. Меѓународната агенција за енергија најави дека ќе ослободи 400 милиони барели нафта од резервите — најголема количина досега.
Дополнително, САД издадоа 30-дневна лиценца за испорака на руска нафта што веќе е натоварена на танкери, мерка што важи до 11 април 2026 година.
DW




