Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во интервју во централниот дневник на АЛСАТ-М, вели дека претходната Влада на СДСМ и ДУИ потпишала капитулација со прифаќање на бугарските барања, посочувајќи дека оваа Влада нема да попушти на уцените.
„Јас испраќам генерално три пораки. Првата порака е дека уставни измени без ВМРО-ДПМНЕ нема. Политичарите од опозицијата можат да бидат мекото ткиво на македонскиот идентитет и државност, и тоа е она кое што го одбрале. Јас тука не можам ниту да им судам, ниту да давам пофални зборови. Тоа е нивен избор и тоа е патот покој тие одлучиле да одат. Второ, јас сум свесен, апсолутно дека претходната Влада потпишала бел лист хартија која што ние ја нарекуваме капитулација, поради различни интереси. ДУИ имала едни интереси тогаш, СДСМ имала други интереси. Но, она што ги обединува е фактот и желбата и мислата дека ако потпишат бел лист хартија едноставно некој ќе им ја подари победата на парламентарните избори кои што следеа. Очигледно е дека тоа не се случи и тие се сега во длабоко опозиција и во внатрешно дезинтегрирање на структурите и на едната и на другата политичка партија“, истакна тој и додаде:
„И трето, имајќи предвид дека сме реал политичари, ние точно знаеме кој се обврските кои ги презела претходната Влада. Но, исто така точно знаеме кои се обврските кои што некоја претходна Влада на нашиот Источен сосед ги преземала, а тоа е доследно почитување на човековите права преку потпишување и ратифицирање на Резолуцијата за почитување на човековите права. Вие денеска имате 14 пресуди на Судот за човекови права минимум со кои што Бугарија се обврзува да дозволи регистрација на ОМО Илинден – Пирин, таа одбива тоа да го прави. И оваа Резолуција е многу порано пред да бидат прифатени овие услови од претходната капитулантска македонска влада на СДСМ и ДУИ.“




