Мнозинството членки на ЕУ сакаат да ги користат замрзнатите руски милијарди за да ѝ помогнат на Украина

Што се замрзнати средства и кој ги замрзнува?
Замрзнати средства се финансиски средства или имот до кои сопственикот не може да пристапи или да ги користи за каква било трансакција или трансфер, поради ограничувања наметнати од земја или заедница на земји како што е Европската Унија.

Во случајот со Русија, замрзнати се и државни (суверени) средства – во форма на готовина, обврзници и хартии од вредност кои се чуваат во странство – како и приватните средства, како што се јахти и недвижности во сопственост на санкционирани руски милијардери.

Средствата обично се замрзнуваат преку санкции.

„Спроведувањето на замрзнување е во надлежност на финансиските институции“, како што се комерцијалните банки или централните депозитари за хартии од вредност, кои мора да ги блокираат трансакциите и да спречат пристап до замрзнатите средства, изјави за ДВ Агата Демареј, виш соработник во Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).

Зошто се замрзнати руските средства?
Руските средства беа замрзнати како резултат на западните санкции по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Целта на оваа мерка беше финансиски да се ограничи Русија и да се спречи да ги користи тие пари за финансирање на војната.

Некои експерти веруваат дека фактот што поголемиот дел од замрзнатите руски средства се наоѓаат во земјите членки на ЕУ ѝ дава на Унијата важна предност за водење мировни преговори во корист на Украина.

Каде се наоѓаат руските средства?
Од вкупно околу 300 милијарди евра замрзнати средства, околу 210 милијарди евра се под јурисдикција на земјите членки на ЕУ. Остатокот е распределен низ САД, Јапонија, Обединетото Кралство, Швајцарија и Канада.

Најголемиот дел – 180 милијарди евра – се чува во институцијата наречена Евроклир во Белгија.

Што е Евроклир – и зошто се спротивставува на користењето на руски средства од страна на ЕУ?
Евроклир е една од најголемите финансиски куќи во светот за тргување со хартии од вредност – важна е за финансискиот пазар како таканаречен депозитар за хартии од вредност.

Евроклир стравува дека запленувањето на руски пари би можело да го оштети нејзиниот углед кај меѓународните инвеститори, па дури и да предизвика правни спорови со Москва. Централната банка на Русија веќе одлучи да го тужи Евроклир за 200 милијарди евра, со цел да ги врати замрзнатите пари и изгубената камата.

Кои земји сакаат да ги користат руските средства – и за што?
Повеќето европски земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, сакаат Русија да плати за штетата што ја предизвика со водењето агресорска војна против Украина.

Замрзнатите средства затоа би можеле да се користат и за зајакнување на одбраната на Украина и за обнова на земјата.

Кои земји не сакаат да користат руски средства – и зошто?
Од правна гледна точка, користењето на замрзнатите руски средства е сложено прашање и постои обемна дебата за тоа дали овие средства, особено главниот износ, можат законски да се користат за помошво Украина.

 

 

DW