Модернизирање на граничниот премин Евзони

Архитектонска и енергетска надградба на постојните објекти, подобрување на сообраќајната инфраструктура и организирање на сообраќајот, зголемување на капацитетот и квалитетот на пасошката, царинската, фитосанитарната и на ветеринарната контрола, овозможување современи и ефикасни гранични услуги, побрз проток на патници и стоки, намалување на времето на чекање и усогласување со европските стандарди, предвидува проектот „Надградба на копнениот граничен премин Евзони Килкис“, во согласност со објавениот тендер за избор на изведувач за проектот, јави дописничката на МИА од Атина.

Модернизацијата на грчкиот дел од границата кон нашата земја беше соопштена во втората половина на август со издадена одлуката на грчкиот министер за внатрешни работи Теодорос Ливаниос, а минатата седмица Националниот инвестициски фонд на Грција преку националниот систем за јавни набавки објави тендер за изведувач за проектот „Надградба на копнениот граничен премин Евзони Килкис“ во висина од 23,6 милиони евра.

Во согласност со тендерот, предмет на проектот е „поправка и надградба на постојните објекти на ГП Евзони во Регионалната единица Килкис преку студија и изведба на градежни работи“, а рокот за завршување е најмногу 22 месеца од датумот на потпишување на договорот со изведувачот.

– Надградбата на конкретниот граничен премин е итен приоритет за усогласување на Грција со меѓународното право и обврските што произлегуваат од Европската Унија. Проектот е вклучен во Развојната програма за јавни договори од стратешко значење и се финансира од Националната програма за развој (ЕПА 2021 – 2025) – пишува во објаснувањето на јавниот повик, а краен рок за доставување понуди е 9 март 2026 година.

Во тендерот е објаснето дека во проектот се вклучени архитектонска и енергетска надградба на постојните објекти и инфраструктурата, надградба на патната мрежа, како и обезбедување на потребните услови за значително подобрување на услугите за пасошка, царинска, фитосанитарна и на ветеринарна контрола, но и за земјата да се усогласи со низа европски регулативи.

 

 

 

lider.mk