Москва бара луѓето во окупираните територии да земат руско државјанство

„Нè убедуваат дека Русија многу направила за нас. Но, јас чувствувам само дека немам доволно пари за да живеам како порано. Порано живеев не само добро, туку одлично, а сега се обидувам некако да врзам крај со крај“, вели Оксана (името е сменето од безбедносни причини) од Новоајдар, за ДВ.

Населбата се наоѓа 60 километри од Луганск, кој е под окупација од 2014 година. На почетокот на руската инвазија во пролетта 2022 година, руската војска напредувала и кон Новоајдар, како и кон градовите Лисичанск, Северодоњецк и Рубижне, преземајќи контрола врз речиси целата Луганска област на истокот од Украина.

Населението на Новоајдар оттогаш се намалило за една третина. „Останаа само постарите луѓе, младите избегаа во други делови на Украина или во странство. Млади сега може да се видат само во Луганск“, раскажува Оксана. Таа се жали дека нејзиното село страда поради војната, а и нејзината куќа е оштетена од гранатирањето. Меѓутоа, нема помош од окупациските власти за обнова.

Размена со соседите
Пред руската инвазија Оксана продавала храна што сама ја правела. Сега веќе нема добиток, ниту може да продава зеленчук. За тоа би морала да регистрира бизнис според руските закони. „Зеленчук сега одгледуваме само за себе и разменуваме со соседите“, вели таа, која се грижи за својот остарен татко.

За нормален живот, според зборовите на Оксана, потребни се најмалку 40.000 рубли месечно (околу 440 евра). Многу мештани, како поштарите, не заработуваат ниту 200 евра. Огласи за работа може да се најдат во локални групи на социјалните мрежи, најчесто во секторот на услуги и градежништво.

На пример, во блискиот Северодоњецкбараат „работници со знаење од водоинсталатерски работи“ со плата од 120.000 рубли (околу 1.320 евра). Добра плата дава и железарницата во Алчевск. Често на социјалните мрежи може да се видат и понуди за договори со руската војска, која нуди плата од 216.000 рубли (околу 2.376 евра).

Како и многу жители на окупираните подрачја, и таткото на Оксана сè уште прима украинска пензија. За да ја добие, мора преку ВПН да се поврзе на интернет-порталот на украинскиот пензиски фонд, кој е блокиран од окупациските власти. „Без таа пензија не може да се преживее“, вели Оксана.

Нејзиниот татко прима околу 61 евро. „Тоа е доволно за една недела да се купат најевтините намирници“, додава жената, која покрај минималната пензија на татко ѝ користи и семејна заштеда.

Оксана се жали дека цените на храната пораснале и дека во Новоајдар има само две продавници. „Во Луганск можеш да купиш десетина јајца за повеќе од половина од цената“, вели таа. Затоа на пазар оди таму на секои две недели.

Била и во Северодоњецк и Старобилск. „Но, тие градови се целосно уништени. На телевизија велат дека речиси сè е обновено, но таму сè уште се гледаат изгорени куќи без прозорци, врати и покриви“, раскажува жената. Луѓето таму сè уште чекаат нови врати и прозорци.

Често нема струја, па ни интернет
Украинската регионална управа на Луганск, која е преместена во дел од земјата под контрола на Киев, за проблемите на луѓето во окупираните подрачја најчесто дознава преку социјалните мрежи. Таму луѓето дискутираат за прекините во снабдувањето со струја и вода.

„Летно време во Северодоњецк редовно нема ниту струја ниту вода, и тоа истовремено. Снабдувањето со вода, наводно, се прекинува поради поправки на електричните уреди, а струјата наводно поради работи на пумпните станици“, објаснува Олексiј Чарченко, шеф на регионалната управа на Луганск во разговор за ДВ.

 

 

DW