Муцунски: Сакаме средби со Бугарија, но не правиме отстапки

Македонија уште чека повратен сигнал од Бугарија за можна средба на високо ниво на маргините на самитот на НАТО во Хаг на крајот на јуни. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека што се однесува до нив – очекуваат повеќе средби и редовна комуникација со Софија.

Се чека потег од Софија
„Сакаме средба и средби и комуникација, бидејќи сметаме дека е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку по однос на низа прашања, кои што нас не засегаат во билатералните односи. Секогаш ќе наоѓаме начин за комуникација врз основа на принципи, вредности, политики насочени за добробит на нашата држава со сите наши соседи, вклучително и со Бугарија. Но, истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции“, рече Муцунски на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто.

Ваквиот став тој му го пренел во телефонски разговор и на неговиот бугарски колега Георг Георгиев.

„Сметаме дека нашиот пат кон ЕУ треба да стане предвидлив – не иритира создавањето на наратив на жртва, но факт е дека повеќе од 20 години сме жртва на постојаната билатерализација на нашиот европски пат“, вели Муцунски.

Премиерот Христијан Мицкоски нема да присуствува на престојниот Самит на НАТО во Хаг. Тој најави дека на самитот ќе оди претседателкатаГордана Сиљановска Давкова.

Откако деновиве стана извесно дека во Хаг нема да замине бугарскиот претседател, Румен Радев, за македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО, иако таа е подготвена за разговор со Радев, со кој веќе имаше неколку средби.

„Не зависи од мене, туку зависи од нашите соседи“, вели претседателката.

 

 

DW