„Error, 503 Service Unavailable“, внесени повеќе оценки а регистрирана само една, исфрлање од систем и повторно логирање, потешкотии во подготовката извештаи за успех и поведение. Оваа се само дел од проблемите со кои се соочуваат наставниците деновиве при внесот на податоци во електронските дневници. Пишани дневници веќе неколку години нема, па електронските се единственото место каде што се пишуваат сите содржини – оценки, изостаноци, дневни подготовки, извештаи од реализирани екскурзии и т.н.
Во групата на Фејсбук „Поддршка за онлајн настава“, Мета.мк праша наставници и родители, дали и со какви проблеми се соочуваат при користењето на овој систем.
„И среде ноќ има проблеми и преку ден. Повеќето наставници успеваат да внесат оцени (со голема мака, чекање, исфрлање од систем, повторно логирање), но класните едвај си ја завршуваат обврската со изготвување на извештај за успех и поведение, бидејќи треба да листаат страни. А страните не се листаат“, гласи еден од коментарите.
„Е-дневникот во поголем дел од денот не функционира. Неправилно меморира внесени податоци, брише“, гласи друг коментар.
nezavisen.mk