Националното студентско тело бара зголемување на сумата за субвенциониран студентски оброк

Националното студентско тело бара зголемување на сумата за субвенциониран студентски оброк. Ова тело, кое е претставничко на сите студенти во државата, денеска (2 септември) преку писмено соопштение бара сумата за субвенционираниот оброк да се искачи од 140 на 150 денари.

Барањето доаѓа пред носењето на републичкиот Буџет за 2026 година.

-Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, износот се усогласува во согласност со инфлациската стапка после секоја фискална година, а пред донесување на републичкиот Буџет за следната година. Последен пат, висината на сумата за субвенционираниот оброк се промени во 2023 година од 120 на 140 денари – се вели во соопштението од Националното студентско тело.

Студентите, во нивното денешно соопштение наведуваат дека инфлациската стапка во Република Северна Македонија во 2024 година изнесува 3,5% (согласно податоците на НБРМ и ДЗС).

Дополнително согласно проекциите на ММФ, инфлациската стапка за 2025 година ќе изнесува 3,4%, додека НБРМ, проектира 3% инфлација за 2025. Доколку се направи пресметка за двете години, сумата на студентскиот оброк треба да порасне за 10 денари во 2026 година – се додава во соопштението.

 

 

 

slobodnaevropa.mk